Во интервју за БТВ, тој нагласи и дека Бугарија не сака ништо необично од Македонија и дека бугарскиот национален интерес мора да биде заштитен
Поранешниот министер за надворешни работи Даниел Митов, кој е предлог на Бојко Борисов за иден бугарски премиер, во гостување на утринската програма на телевизијата БТВ рече дека македонската страна се однесува како Бугарија да е таа што треба да биде примена во ЕУ.
„Случајот со нашите пријатели од Република Северна Македонија мора да се реши. Во секој случај, Скопје мора да го следи патот на европската интеграција. Тие продолжуваат да се однесуваат како тие да нѐ прифаќаат нас во ЕУ, а не ние нив. Тие сметаат дека Бугарија ќе биде подложена на надворешен притисок, таквата проценка е неодмерена и не ги зема предвид и геополитичката позиција на Бугарија и консолидацијата во бугарското општество “,
објасни Митов.
Тој, исто така, рече дека мора да се водат сериозни разговори за спроведувањето на Договорот за добрососедство. Нагласи и дека Бугарија не сака ништо необично од Македонија и дека бугарскиот национален интерес мора да биде заштитен.