Мојот тим е на терен и работи за да ја донесеме долгоочекуваната и заслужена промена во Куманово, вели Михајловски
Кандидатот за градоначалник на Куманово од ВМРО-ДПМНЕ, актерот Тони Михајловски, е позитивен на ковид-19. Наместо во кампања на терен, тој во наредните десет денови односно до денот на изборите, ќе биде во изолација.
Неговиот тим, пак, како што најави и тој, ќе продолжи да работи на терен.
„Почитувани граѓани, за жал мора да ве известам дека на моето денешно тестирање од ковид-19 излегов позитивен, вакциниран и почитувајќи ги сите мерките за заштита на моето и вашето здравје сепак дојде до оваа несакана ситуација за секого. Мојот тим е на терен и работи за да ја донесеме долгоочекуваната и заслужена промена во Куманово“,
вели Михајловски.

Михајловски вчера, пак, беше на дебата во Алсат ТВ со останатите кандидати за градоначалници на Куманово: Оливер Илиевски од СДСМ и коалицијата „Најдоброто“, независиот кандидат и актуелен градоначалник Максим Димитриевски и Беким Салиу од Алијанса за Албанците и Алтернатива.