Владата во декември предложи дипломатски претставници во 19 мисии, но ниту еден од нив досега не замина на функцијата. Во пресрет на изборите, се бара „чаре“ за предложените дипломати кои се државјани и на други земји
Двојното државјанство веќе нема да биде пречка за именување амбасадори на Северна Македонија во дипломатско-конзуларните претставништва на земјата, ако пратениците, на почетокот на следната седмица, ги усвојат измените на Законот за надворешни работи, поднесени по скратена постапка, а предложени од Артан Груби од ДУИ и Јулијана Николовска од ЛДП.
Предложените измени в понеделник треба да ги разгледа Комисијата за надворешни работи, со која претседава Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ. Потоа за нив треба да се произлезе собранискиот пленум, на седницата која е во тек, а за која е неизвесно дали ќе биде завршена до распуштањето на Собранието.
„Се надевам дека ќе има време парламентот да ги разгледа предложените измени на Законот за надворешни работи. Јас сум по определба либерал и сметам дека се потребни полиберални услови и за именување амбасадори. Тоа е причината поради која сум предлагач на законските измени. Ако двојното државјанство не е ограничувачки фактор за носители на други државни функции, зошто да биде за амбасадори“,
вели пратеничката Николовска.
Застој
Неизвесно е исто така и дали до изборите ќе бидат пополнети дваесетина ДКП за кои политичката влада на СДСМ и на ДУИ даде предлози во последниот месец од мандатот. За ниту еден од предложените амбасадори постапката не стигна досега до завршна фаза, односно до указ од шефот на државата. Ниту Дане Талески, кој требаше да биде дипломатски претставник во седиштето на НАТО, сè уште не е заминат во Брисел. Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски информираат за „360 степени“ дека до овој момент не е е потпишан ниту еден указ за за поставување амбасадори.
„По доставувањето на предлозите за кандидати за амбасадори од страна на Владата, претседателот даде согласност за продолжување на постапката. Во моментов нема потпишано укази од страна на претседателот за поставување амбасадори. Указите ќе бидат потпишани откако за секој кандидат ќе бидат завршени подготовките за упатување, согласно Законот за надворешни работи и доколку секој од кандидатите ги исполнува законските услови“, велат од кабинетот на претседателот.
Задоцнет предлог
Со предлогот на пратеници Груби и Николовска се предвидува измена на членот 36 од Законот за надворешни работи, со кој сега е предвидено дека за амбасадор може да се именува лица кое е само државјанин на Македонија. Со измените, практично, се предвидува бришење на зборот „само“ од овој став од членот 36 од Законот, при што единствено ограничување би било тоа дека „лице кое има државјанство на друга држава не може да биде именуван за амбасадор во државата за која има државјанство.“
Владата, во декември минатата година, на затворена седница ја утврди листата со 19 предлози за амбасадори во: Атина, Белград, Загреб, Тирана, Брисел, Хаг, Москва, НАТО, Совет на Европа (Стразбур), ОН (Женева), Доха, Прага, Њу Делхи, Рим, Тел Авив, Копенхаген, Ватикан, Приштина и Пекинг. Само шестмина од предложените амбасадори досега поминаа поголем дел од процедурата за нивно испраќање во ДКП. Теута Агаи Демјаха, предложена за Мисијата на ОН во Женева, Шпреса Јусуфи во Приштина, Шабан Јашари во Доха, Светлана Гелева во Мисијата во Советот на Европа, Стразбур, Данчо Марковски во Тирана и Фатон Бејта, кој е предложен за амбасадор во Копенхаген, в понеделник треба да ги бранат своите тези пред собраниската Комисија за надворешна политика.
Реакции
За четворица од предложените амбасадори имаше реакции во јавноста дека не ги исполнуваат условите затоа што, покрај македонското, имале државјанство и на друга земја. Притоа се споменуваа имињата на предлозите за амбасадори во Тел Авив, во Њујорк, Стразбур и во Канада. Тогаш, претседателот Стево Пендаровски изјави дека нема да дозволи во странство да бидат испратени амбасадори со двојно државјанство. Тој посочи дека новиот закон за надворешни работи, кој сè уште не е донесен, предвидува можност за амбасадори да се испраќаат и лица кои, освен на Северна Македонија, се државјани и на друга земја.
„Со новиот закон се предвидени неколку члена што се врзани со двојното државјанство. Сепак, актуелниот Закон за надворешни работи предвидува дека само државјани на Северна Македонија може да се именуваат за амбасадори. Побарав од службите сите предлози и формално да се проверуваат преку институциите, пред да дојдат кај мене за да ги потпишам указите. Ако има само еден со двојно државјанство, нема да го потпишам указот за да се именува за амбасадор“,
изјави Пендаровски за „Коха“.