Канадските возачи на камиони протестираат веќе две недели во Отава, каде во неделата беше прогласена вонредна состојба. Слични протести беа организирани во Ванкувер и Торонто
Најфреквентниот граничен премин меѓу САД и Канада е делумно затворен откако канадските возачи на камиони блокираа неколку ленти во знак на протест против мерките преземени од Владата за спречување на епидемијата на коронавирус, вклучително и задолжителната вакцинација како услов за влез, јавува Гласот на Америка.
Возачи на камиони вчера го блокираа мостот „Амбасадор“ кој ги поврзува Виндзор во Канада и Детроит во Мичиген, САД.
Канадската полиција соопшти дека е блокиран и преминот во Алберта.
„Продолжуваме да работиме на решавање на ова прашање за да можеме да обезбедиме проток на стоки преку мостот“,
изјави канадскиот министер за јавна безбедност Марко Мендичино.
Околу 75 отсто од вкупниот извоз на Канада оди во САД, а преку мостот „Амбасадор“ дневно минуваат и до 8 000 камиони.
Сопственикот на мостот, компанијата „Инернешнл бриџ“ од Детроит, најави дека меѓународниот транспорт преку мостот мора да се обнови што е можно поскоро.
Канадските возачи на камиони протестираат веќе две недели во Отава, каде што во неделата беше прогласена вонредна состојба. Слични протести беа организирани во Ванкувер и во Торонто.
Полицијата соопшти дека демонстрантите се решени да останат во центарот на Отава и да не ја прекинуваат блокадата.
Началникот на полицијата во Отава, Стив Бел, исто така предупреди дека во половина од 418 возила кои учествуваат во блокадата има и деца и дека се загрижени за нивното здравје поради студот, бучавата, јаглерод моноксидот и недостигот на санитарни јазли.
Канадски судија претходно им забрани на камионџиите да користат сирени, кои постојано создаваа бучава и го попречуваа животот на жителите во центарот на градот.
Демонстрантите беа поддржани од конзервативците и во Канада и во САД, вклучувајќи го и поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој го критикуваше Трудо за задолжителните вакцини.
Канадскиот премиер Џастин Трудо во парламентот изјави дека протестите мора да престанат и повтори дека владата ќе продолжи „да се потпира на науката“, одговарајќи на прашањето на пратениците дали ќе ги укине ограничувањата за пандемијата.