Трудо на Твитер напиша дека федералната влада ќе понуди поддршка од канадската војска за да помогне во евакуации и други логистички задачи како одговор на барањето на владата на Британска Колумбија и дека ќе продолжат да даваат каква било поддршка која е потребна
Канада испраќа војска за справување со шумските пожари кои брзо се шират во Британска Колумбија, изјави премиерот Џастин Трудо, додека западната провинција се бори со пожарот што предизвика евакуација на повеќе од 35 илјади луѓе.
Трудо на Твитер напиша дека федералната влада ќе понуди поддршка од канадската војска за да помогне во евакуации и други логистички задачи како одговор на барањето на владата на Британска Колумбија и дека ќе продолжат да даваат каква било поддршка која е потребна.
Update: We’ve received and approved British Columbia’s request for federal assistance. We’re deploying @CanadianForces assets and providing resources to help with evacuations, staging, and other logistical tasks. We’ll continue to be here with whatever support is needed.
— Justin Trudeau (@JustinTrudeau) August 20, 2023
Британска Колумбија прогласи вонредна состојба и ги забрани несуштинските патувања за да се ослободи сместувањето за евакуираните и пожарникарите. Во некои градови во Британска Колумбија индексот на квалитетот на воздухот (AQI), кој ги мери главните загадувачи вклучувајќи ги и честичките од пожарите, беше над 350, што е опасно ниво.
На полноќ Салмон Арм го имаше најлошиот индекс на квалитетот на воздухот во земјата, со отчитување од 470.
Шефот на противпожарната служба на Западна Келовна, Џејсон Бролунд, рече дека гледа надеж откако се бореше со големите пожари во последните четири дена. Тој рече дека условите се подобрени помагајќи им на пожарникарите.
„Конечно се чувствуваме како да се движиме напред наместо назад, и тоа е одлично чувство“,
изјави Бролунд.
Владините претставници предвидуваат дека поради сушата сезоната на пожари може да се продолжи до есен. Досега во шумските пожари изгореа околу 140 илјади квадратни километри шума, а чадот се протега сè до источниот брег на САД.
Пред два дена канадската провинција Британска Колумбија прогласи вонредна состојба поради пожарите кои доведоа до евакуација на 15 000 луѓе, а 20 000 се во подготвеност за евакуација.
Населението во регионот е предупредено да се спакува и да биде подготвено да замине за кратко време доколку ситуацијата се влоши.