Неопходно е да се даде предност на вербалниот дијалог помеѓу учениците и на мирното решавање конфликти. Да ја зголемиме свесноста за последиците од евентуално девијантно однесување, кои видовме дека можат да бидат катастрофални. Само заедно можеме да ставиме крај на училишното насилство, велат од МОН

Министерството за образование и наука со кампања ќе ја подигнува свеста кај младите за важноста на мирот, ненасилството и толерантното однесување во и надвор од училиштата.
„Да градиме мирна и хармонична училишна средина без било какви облици на насилство. Да создадеме амбиент во кој младите ќе се фокусираат исклучиво на вистинските цели на воспитно – образовниот процес, на стекнувањето знаења и вредности кои ќе ги направат да бидат добри луѓе, а насилството воопшто нема да биде тема. Потребна е средина во која ќе преовладува толеранцијата, младите ќе ги почитуваат меѓусебните разлики и нема да гледаат на нив како поводи за конфликти“,
се пораките кои Министерство за образование и наука ќе ги испрати до сите чинители на образовниот систем.
Од Министерството велат дека со кампањата ќе се обидат да допрат до учениците, наставниците и другите вработени во училиштата, родителите и старателите и да укажат дека е важен придонесот на секој од нас во остварувањето на целта.
„Неопходно е да се даде предност на вербалниот дијалог помеѓу учениците и на мирното решавање конфликти. Да ја зголемиме свесноста за последиците од евентуално девијантно однесување, кои видовме дека можат да бидат катастрофални. Само заедно можеме да ставиме крај на училишното насилство“,
се наведува во соопштението од МОН.
Од Министерството упатуваат апел до сите граѓани, доколку биде забележан било каков облик на насилно однесување во училиштата, да биде пријавен на електронската адреса [email protected], односно [email protected], или пак до стручните служби во училиштата, со цел навремено да се реагира и да е спречат посериозни инциденти и последици.
Пред два дена од МОН информираа дека на електронската адреса [email protected] и [email protected] пристигнале 10-ина пораки. Дел од нив, како што велат, се однесуваат на врсничко насилство, а имало и од поранешни професори, со сугестии како да се превенира и намали насилството меѓу децата и младите од училишна возраст.