Сопругата на Орче Камчев, Ана, во денешното сведочење рече дека за рекетот кој од нив го барале Бојан Јовановски и Катица Јанева го известила и директорот на УБК, Горан Николовски.
Одговарајќи на прашањата на Боки 13 и неговиот адвокат таа рече дека не знае дали има службена белешка од средбите со Николовски, но посочи дека средбите биле надвор од УБК.
“Имавме две средби. На мое барање, тие не беа во УБК, бидејќи таму работи сопругот на Фросина Ременски, Јовче со кој контактирате секојдневно. Од страв да го соопштам сето тоа таму, барав средбите да не бидат таму”, рече Камчева.
Николовски, како што рече Камчева, и рекол дека ќе ја проследи информацијата и ја советувал да има доверба во обвинителката Вилма Русковска.
Покрај контактите со Фросина и Јовче Ременски, Камчева рече дека Јовановски во нејзино присуство контактирал со судии, обвинители, луѓе од власта од кои конкретно посочи дека контактирал и со министерот за внатрешни работи. Поради контактите, таа рече дека се плашела од моќта на двајцата обвинети.
“Се плашев од моќта на Катица, но секако во даден период сметав дека не е таа, туку Бојан е тој што е специјален обвинител, бидејќи имаше многу информации”, рече Камчева.
Ана Камчева денеска сведочи во случајот „Рекет“. Во досегашниот исказ таа говореше за средбите со адвокатот Васил Димишков и обвинетите Бојан Јовановски и Катица Јанева, кои претходеле на излегувањето на нејзиниот сопруг од притворот во Шутка, во домашен притвор.