Камчев го обвини Бојан Јовановски за рекет, дека му нудел фиктивни проекти и рече дека за случајот „Меѓународен сојуз“ треба да одговараат и Кичеец, и Јанева, и нејзиниот син
Во предметот „Меѓународен сојуз“ недостигаат Зоран Милески-Кичеец, Катица Јанева и нејзиниот син. Правите селективно обвинение.
Со ваква изјава Орце Камчев денеска го започна сведочењето во случајот „Меѓународен сојуз“ и додаде дека не ги познава обвинетите Фросина Ременски, асистенката на Бојан Јовановски, Христина Блажевска и неговиот татко, Миле Јовановски.
Пред да сведочи, тој побара, но не му беше дозволено да биде изземен како сведок.
Неговото сведочење во најголем дел се поклопуваше со исказот даден во предметот „Рекет“ каде беше еден од клучните сведоци, а на моменти наликуваше и како одбрана за случајот „Империја“, каде што бизнисменот е осомничен, а за којшто предмет тврди дека му е конструиран.
Камчев во денешното сведочење во предметот „Меѓународен сојуз“ каде обвинителството тврди дека биле измамени двајца познати бизнисмени со проекти и им биле земени околу еден милион евра, зборуваше дека со Бојан Јовановски-Боки 13 разговарал за два проекти, едниот за трговски центар во кој ќе има продавници со познати брендови, а другиот за европски проекти за возрасни лица.
Првиот бил за 1 ТВ, а не за „Меѓународен сојуз“. За тој му бил даден и договор потпишан од синот на Катица Јанева, Лазар, кој инаку беше вработен во телевизијата. Камчев рече дека никогаш не го запознал, туку го знаел само од слики што Боки му ги покажувал, меѓутоа не го прифатил проектот зашто сметал дека е економски неисплатлив.
Од истите причини го одбил и вториот проект. Тука Камчев го спомена и предметот „Империја“, односно дека му бил конструиран, зашто ги одбил понудените договори.
„Кога го одбив вториот проект, ми беше најавено дека интерес имаат Катица Јанева и синот и ако не го потпишам ќе следува тортура врз мене“,
рече Камчев објаснувајќи зошто смета оти двата проекти се поврзани.
На тој начин, тој алудираше и на неговата забелешка на почетокот, дека Јанева и синот треба да бидат на обвинителна клупа, додека за Зоран Милески-Кичеец рече дека тој треба да биде на иста маса зашто и тој бил дел од ова, односно тој го однел Боки кај него и му ги претставувале проектите.
Обвинителката Ивана Трајчева го праша и кој му пренел дека синот на Јанева има личен интерес.
„На договорот беше потпишан синот на Катица Јанева. Не беше потпишан Бојан, туку Лазар Јанев. Дали работеле заедно, не знам. На масата беа Зоран Милески, Бојан Јовановски и на едниот договор потпишан беше Лазар Јанев“,
одговори Камчев.
Тој објаснуваше дека за старските домови имал неколку нејаснотии, како на пример, од кои земји би доаѓале лица за сместување и како, со оглед дека му било навестено оти најголем дел ќе бидат од Холандија, ќе се комуницира со тие луѓе од страна на персоналот што ќе работи во домовите, кој и што точно ќе треба да субвенционира итн.
Камчев зборуваше и дека Боки му кажувал дека 20 отсто од средствата ќе бидат финансирани од Министерството за труд и социјална политика и понатаму обвини дека тој договор што го претставувал Боки, всушност, бил фиктивен.
„Тоа е тој дил каде што беше изманипулирана и злоупотребена власта во однос на приватна цел на Бојан Јовановски“,
рече Камчев.
Камчев понатаму рече и дека за да го „откачи“ две компании од неговиот холдинг потпишале договори од по 150 000 евра со 1 ТВ.
На прашањето на Боки за која цел, бизнисменот му одговори: „За рекет.“
Понатаму, Боки со прашањата алудираше и дека всушност тоа биле договори за пи-ар, за што оделе било договорено да одат и реклами на телевизијата.
„Бојан успеа од цел град да направи мајмуни“
Но, ова не беа единствените напади помеѓу двајцата на денешното сведочење.

На прашање од Боки што знае за „Меѓународен сојуз“, Камчев му одговори:
„Дека Бојан успеа од цел град да направи мајмуни“.
Боки во текот на испрашувањето се обиде да ја докаже и блискоста на Јовановски и Кичеец, кој беше обвинет во „Рекет“ и призна вина за што доби 3 години затвор.
Боки го прашуваше дали биле во блиски односи, а бизнисменот одговараше дека Кичеец бил вработен кај него и биле во професионални односи.
„Дали ве посетувал во вашиот дом?“, праша обвинетиот Јовановски.
„Да, ме посетуваат илјадници луѓе, и вие сте ме посетувале и различни луѓе од политиката, обвинителството и многу други. Уште 4-5 луѓе кои не се извадени од снимките од камерите во мојот дом, луѓе од политички живот. И вие сте биле секојдневие во мојот дом, кај мене ви се вршени и контролни прегледи, дали ти е зарасната раната“,
му се обрати Камчев на Боки.
По неговото сведочење, тој беше вратен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари каде издржува 30-дневен притвор кој му беше одреден во случајот „Плацови на Водно“, каде е еден од осомничените. Притворот го одреди Кривичниот суд во Скопје, по барање на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција откако претходно Агенцијата за национална безбедност (АНБ) достави службена бележка дека бизнисменот подготвува бегство.
Во случајот каде тој денеска беше спроведен за да сведочи, Боки 13 како претседател на „Меѓународниот сојуз“ е првообвинет и се товари за делата измама и перење пари. Заменик-претседателката Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ и асистентката на Боки, Христина Блажевска се обвинети за помагање во овие дела, а експратеничката Фросина Ременски се товари за помагање во делото измама. Таткото на Боки, Миле Јовановски, пак, е обвинет за помагање во перењето пари и за делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација.