Орце Камчев во своето денешно сведочење за „Рекет“ зборуваше и за чантата со пари „луј витон“, која им ја дал на Бојан Јовановски-Боки 13 и на Зоран Милески-Кичеец.
Објасни дека парите ги спакувал заедно со својата сметководителка Мими, со која ги снимил со мобилен телефон пред да им ги предаде. Рече дека парите биле ставени во чанта од оваа марка затоа што Боки го сакал тој бренд, но кажа дека Боки бил навреден што парите биле во банкноти од по 50 евра.
Во врска со торбата, тој доби прашања Бојан Јовановски за тоа што имало во неа.
„Пари и весници“, кусо одговори Камчев, а Боки на висок тон го праша: „Што друго имаше во торбата, господине Камчев?“
Но, Камчев не кажа дека имало и друго нешто.
Боки го праша и кога му е вратена торбата, но Камчев не се сеќаваше.
Двајцата влегоа во кавга и за парите кои Боки ги барал за реклама, откако Камчев претходно рече Боки 13 бил навреден што од „Систина“ му дале понуда од 40-50.000 евра за годишна реклама, а тој барал 200.000.
„Ќе се согласам со таа констатација, зашто како менаџер имам право да побарам пари колку што мислам дека вреди, исто како што вие си ги цените операциите, иако ги извршувате неуспешно“, му рече Боки на Камчев.
Во оваа дискусија со приговор се уфрли и Вилма Русковска, која рече дека Боки 13 не бил менаџер туку невработен.
„Не се дери“, ѝ се обрати Јовановски на Русковска.
Ова беше уште една од ситуациите на кои многубројната јавност во судницата реагираше со смеа.
Боки ја носел Јанева во „Систина“ за операција
Боки 13 го праша и дали свесно ја играл улогата на агент провокатор, како и дали свесно го наведувал да споменува политичари.
„Не“, одговори Камчев додавајќи дека не го наведувал свесно да споменува политичари, како што не го ни наведувал свесно да ја носи Катица Јанева на операција во „Систина“ за стеснување на цревата за намалување на килажата.
„Дали бевте во мојот дом помеѓу 15 и 20 март и со кого?“, го праша Боки Камчев, а тој му одговори дека бил повикан за да му понудат некоја работа и објасни кого затекнал таму.
„Беа присутни жената, која чисти дома кај Бојан, Зоки Кичевскиот и министерот за здравство Венко Филипче“, рече Камчев, а потоа не доби дополнително прашање околу овој настан.
Дали во мое присуство во вашиот дом сме разговарале за Вилма Русковска?; Дали во вашиот дом во ваше присуство сме ја споменувале Вилма Русковска и за што, во кој контекст, кои зборови сте ги користеле за истата?; Дали се сеќавате кога на гласен тон зборувавте за Лиле Стефанова користејќи пцости и погрдни зборови?, беа дел од прашањата кои ги постави Јовановски, но судот не дозволи сведокот Камчев да ги одговори.
Исто така, не беше дозволено ниту прашањето дали со снимките Камчев го уценувал премиерот Зоран Заев, по што Боки го праша Камчев кога добил доверба во институциите.
„Ја добив довербата кога му ги предадов информациите на премиерот и кога ми рече дека единствено кај Русковска можам да се обратам да го истера случајот“, му одговори Камчев.
Од наредните прашања што следуваа беше и тоа која е улогата на Наташа Савова во дистрибуција на нелегално снимените материјали, на што бизнисменот одговори дека таа немала улога.
Камчев беше единствениот кој сведочеше денеска, откако неговата сопруга, која исто така требаше да сведочи, не се појави поради болест.
Камчев на почетокот од денешното сведочење зборуваше за настаните што му претходеле на предметот „Империја“ на СЈО, во кој тој заедно со уште неколкумина е осомничен за перење пари.
Тој, исто така, сведочеше за средбите со Боки 13, како и за средбата со премиерот Зоран Заев кога му ја открил аферата.
Судењето продолжува на 10 декември.