За „Плацови на Водно“ и „Империја“, Камчев доби единствена затворска казна од 20 месеци. Пред неколку дена бизнисменот излегол на слобода бидејќи околу 14 месеци помина во притвор, околу четири месеци во затворот во Струга, а околу еден месец од казната му скратил и затворскиот директор поради примерно однесување. Исто така, Камчев го искористил и правото на годишен одмор
Бизнисменот Јордан Камчев од 6 ноември е на слобода, потврдуваат за „360 степени“ од Казнено-поправниот дом (КПД) Струга.
Тој тогаш го искористил правото на викенд кое го имаат затворениците во КПД Струга и повеќе нема да се врати бидејќи со тоа му завршило издржувањето на затворските казни во случаите „Империја“ и „Плацови на Водно“.
Како дојде до крај на „затворската кариера“ за бизнисменот
Камчев во април годинава во „Плацови на Водно“ беше осуден на една година затвор од Основниот кривичен суд Скопје. За казната не се жалел до скопскиот Апелациски суд со што таа станала правосилна.
Во тој период тој призна вина и се спогоди и во случајот „Империја“. Спогодбата беше една година затвор и преку неговите фирми да уплати 5,2 милиони евра во УЈП односно државниот буџет.
Додека чекаше упатен акт за во затвор за оваа казна, тој ја смени адресата од Скопје во Охрид со што надлежен за издржување на санкцијата стана охридскиот суд кој му издаде упатен акт за КПД Струга, каде инаку затворениците имаат право да одат на работа и да се враќаат во затворот попладне, како и да користат викенд, годишен одмор.
Во струшкиот затвор, според информациите оттаму, тој досега одлежа околу четири месеци.
Во меѓувреме, како што претходно објави „Призма“, Камчев ја искористил законската можност и побарал, а Основниот кривичен суд Скопје му ги споил двете казни од по една година. Со оглед дека единствената затворска казна мора да биде пониска од двете казни заедно (во случајот 24 месеци), судот му одредил четири месеци помалку односно 20 месеци.
Во неговата казна му се пресметува и времето поминато во притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, како и куќниот притвор. Во случајот тоа се вкупно околу 14 месеци притвор кој тој ги одлежа за случаите „Плацови на Водно“ и „Империја“.
Така, ако од единствената казна од 20 месеци се одземат овие околу 14 месеци притвор и околу четири месеци поминати во Струга, остануваат уште околу два месеци.
Меѓутоа, како што во телефонски разговор со „360 степени“ објасни директорот на затворот во Струга, Ваљон Ќура, тој го употребил законското право и како директор му дал на затвореникот Камчев „помилување“ од околу еден месец поради примерно однесување. За да излезе на 6 ноември и да не се врати во затворската ќелија, бизнисменот го искористил и правото на викенд и на годишен одмор од 20 дена.