Калас, исто така, му се заблагодарува на претходникот на Соренсен, Мирослав Лајчак, за неговите напори, наведувајќи дека работата што ја направил служи како основа за понатамошно ангажирање
Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, вели дека целосната нормализација на односите меѓу Косово и Србија е единствениот начин овие земји да се приклучат на блокот.
Објавата на шефицата на европската дипломатија Каја Калас доаѓа по повод стапувањето на должност на Питер Соренсен како специјален претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина.
ЕУ претходно испрати порака дека патот на овие две земји кон влезот во европскиот блок е условен со нормализација на односите.
Калас на Икс напиша дека топло го поздравува Соренсен и оти им претстои важна работа.
„Го поздравувам Питер Соренсен како специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград–Приштина. Ни претстои важна работа. Целосната нормализација на односите е единствениот начин Косово и Србија да се приклучат на ЕУ“,
пишува во објавата од Калас.
I warmly welcome Peter Sørensen as my @EUSR_Dialogue.
— Kaja Kallas (@kajakallas) February 3, 2025
There is important work ahead of us. Full normalisation of relations is only way for Kosovo and Serbia to join the EU.
Thank you for your efforts @MiroslavLajcak! Work done serves as basis to reengagement.
Калас, исто така, му се заблагодарува на претходникот на Соренсен, Мирослав Лајчак, за неговите напори, наведувајќи дека работата што ја направил служи како основа за понатамошно ангажирање.
Соренсен го започна својот мандат на 1. февруари, откако доби потврда од министрите за надворешни работи и амбасадорите на ЕУ, со првичен мандат од 13 месеци.
Данскиот дипломат Соренсен ќе се занимава само со дијалогот меѓу Косово и Србија, а не и со регионалните балкански прашања, како неговиот претходник.
Советот на ЕУ тогаш наведе дека задачата на Соренсен ќе биде да го олесни дијалогот што ќе придонесе за сеопфатна нормализација на односите меѓу Србија и Косово, особено спроведувањето на Бриселскиот договор за патот кон нормализација и неговиот Имплементациски анекс од Охрид.