Таа додаде дека на европско ниво постои согласност за многу принципи поврзани со конфликтот на Блискиот Исток, вклучувајќи ги и поддршката за решението за две држави, крај на непријателствата, итен прекин на огнот и ослободување на заложниците
Европската Унија останува цврсто на определбата за деблокирање на хуманитарната помош за Газа која стои блокирана на границите на Појасот, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас на заедничката прес-конференција со шефот на филипинската дипломатија Енрике Манало во Манила.

„Во контакт сме со нашите колеги во Израел за да ја деблокираме (помошта) и да им помогнеме на луѓето бидејќи таа е финансирана претежно од Европската Унија. Загубата на животи е неподнослива. Страдањето на луѓето мора да заврши и треба да направиме се што е во наша моќ и да извршиме притисок“,
истакна Калас.
Таа додаде дека на европско ниво постои согласност за многу принципи поврзани со конфликтот на Блискиот Исток, вклучувајќи ги и поддршката за решението за две држави, крај на непријателствата, итен прекин на огнот и ослободување на заложниците.
„Се обидуваме да ги поттикнеме страните да го постигнат тој договор“,
нагласи Калас.
Говорејќи за односите меѓу ЕУ и Филипините, Калас нагласи да тие се на позитивна траекторија и од денеска се подигнати на ново ниво.
„Споделуваме посветеност на почитување на меѓународниот поредок заснован на правила, на промовирање на мирот и стабилноста и на заедничко справување со заедничките предизвици. Тие ги вклучуваат случувања во Јужното Кинеско Море и илегалната агресивна војна на Русија во Украина“,
потенцира Калас.