Со секој нов бран на енормно загадување на воздухот во градот на маските, се случува и нов бран на потрага по маски во аптеките. А, таму…
– Да прашам маски за загадување има? – Немаме. – Буквално никакви? Не, не. Најобични има од 8 денари, хируршки. А овие со активен јаглен? – Не, не ни донесоа. 900 денари се инаку. А од кога нема? – Веќе 3-4 дена. Би требало да пуштат, очекуваме – ни рече во разговор една аптекарка.
– Имавме со активен јаглен, тие беа околу 200 денари, трае 72 часа, претходно имавме со активен јаглен за 5 дена. Сега овие некои нови ни стигнаа само за 24 часа за едно деноноќие се, ни беше кажано во разговор со друга аптекарка.
Знаат ли граѓаните каква маска да купат? Од каде добиваат информации за нивото на заштита? Некои сами пребаруваат на интернет, други се советуваат со лекари или аптекари трети купуваат по препорака од пријатели.
– Да, користам од тие поскапите што се како подобри, дали тоа нешто ќе помогне не знам. Така викаат поскапите као биле поефикасни, но ако продожи не знам што ќе биде поефикасно, вели една постара Скопјанка.
– Мислам дека нема многу голема полза од тоа. Сметам дека тие се толку ситни честички, а тие маските што се убави што велат се многу скапи, изјави еден граѓанин.
– Тие што се од 120 денари ги промовираат дека се носат 5 дена, јас пробав така, но повеќе од 1 ден не може да издржат. Поиздржлива маска е 1.000 денари. Кој може да си дозволи, да си ја обезбеди, ни раскажа жителка на Скопје.
Поради различните информации, „360 Степени“ направи блиц-истражување за ефикасноста на маските. Постојат европски и американски стандарди за маските за лице. Стандардите на ЕУ разликуваат три категории на маски, означени со кодовите – FFP1, FFP2 и FFP3. Сите три типа ги задржуваат и ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките, но со различна ефикасност – од 80 до 99 отсто. Американската категоризација ги користи ознаките N95 I N99, а разликата повторно е во нивото на задржување на опасните честички. Овие стандарди се прифатени и се спроведуваат од Институтот за стандардизација на Македонија.
Оваа маска, купена во аптека во Скопје, ја има американската ознака N99. Има вентил и активен јаглен. Произведена е од американска компанија во Јужна Кореја и во упатството пишува дека ги филтрира опасните честички со ефикасност до 99 отсто. Нејзината цена во аптека беше 890 денари. Македонската Агенција за лекови издала одобрение за продажба на овој тип маски во ноември минатата година.
Меѓутоа, стандардите се предмет на разногласие кај лекарската фела.
– Можам да кажам дека единствено што можеби е докажано е дека помагаат оние маско што се со активен јаглен, меѓутоа и тие не се волшебни, вели доктор Оливер Алексовски од скопската брза помош.
Со оваа теза не се согласува пулмологот Ангелчо Андоновски.
– Научна поткрепа стои зад секоја спецификација на одредена маска, ние и кога да отвориме некој пребарувач стои таму и студија, со какви честички е работено и нивната корисност од тоа што е регистрирано. Тој продукт е регистриран продукт. Тој продукт не може да помине никаде во Европа, па ни во нашата држава без да биде регистриран – вели директорот Андоновски.
Но, кога се поставува главното прашање – каков тип на маски препорачуваат докторите – нема јасен одговор. Од Клиниката за пулмологија и алергологија, иако изминатата година ги повикаа граѓаните да се обратат кај нив за совет околу изборот на маска, годинава не се огласија. Директорот на Институтот за белодробни заболувања во Козел, пак, се повика на лекарската етика и не упати одговори да бараме во аптеките, иако не станува збор за брендови туку за стандарди.
– Ние не можеме да дадеме конкретно таа и таа препорака бидејќи би било тоа фаворизирање на одреден момент. Ние секако тоа не смееме да го направиме тоа не е етички од наша страна, ниту пак ќе биде направено. Затоа велам, релевантните институции се тие кои што се повикавме и претходно, тука е и Агенцијата за лекови која ги регистрира тие помагала, тука се и оние институции кои ги прават истражувањата на тие продукти за да бидат внесени во нашата држава. Одговорот таму да се побара. Пак ќе кажам има широк дијапазон и треба да се користат – објаснува Андоновски.
Конкретно мислење добивме единствено од професорот на Институтот за јавно здравје, Драган Ѓорѓев, кој ја користи американската номенклатура.
– Битна е ознаката Н95 и Н99 е битна, значи 95 насто прочистуваат овој ранг од 0.3 микторни до 10 микрони или 99 кој е уште поефикасно. Повторно изборот би бил по вулнерабилноста на групацијата, имате хронично болни, астматичари кои имаат поголема филтрација, иако не е толку голема разликата меѓу овие два Н99 и Н95. Вулнералбилните групи, ако веќе мора да излегуваат, секако мора да ги имаат, децата секако мора да ги имаат, а посебен фокус е на работниците, кои работат на отворено, треба повисок степен на филтрација. Имате маски со еден два или три филтри, после доаѓа активниот јаглен и помалку филтри пред активниот јаглен. За оние кои навистина работат на отворено, имате безброј градежни работници кои се изложени цел ден на сите видови на аерозагадување. Кај нас тој повисок степен на филтрација е препорачлив, објаснува Ѓорѓев.
Некои од маските што се препорачуваат за употреба ги нема во аптеките туку во продавниците за ХТЗ-опрема, зашто се користат во градежништвото и индустријата.
Професорот Ѓорѓев се сеќава дека до пред 10-тина години маските што се увезувале, прво биле тестирани во Институтот во кој работи, па потоа биле пуштани во продажба. Сега нема такви лабораториски тестирања. За маските што се користат како медицински помагала, контролата и е препуштена на Агенцијата за лекови, но само врз основа на документацијата од странскиот производител.
– Државата треба да процени дали увозот на маските ќе подлежни на некакви одобрување било само на документацијата која доаѓа со нив или ќе оформи лабораторија и капацитети да се тестира веродостојноста. До тогаш… по принципот на увоз на други видови на материјали кои влијаат врз здравјето. Ако целата таа документација доаѓа од референтна земја и институција верувам дека тој систем ќе оди многу побргу со проверка на документација него со експериментално тестирање, изјави Ѓорѓев.
Одговорната институција тврди дека се води сметка за квалитетот.
Од надлежната Агенција тврдат дека ниедна маска не може да се најде на македонскиот пазар ако не ги исполнува стандардите. Увоз се одобрува дури откако ќе се помине целата процедура на регистрација, уверуваат од Агенцијата. Останува уште лекарите да се усогласат која од овие маски е најефикасна и најсоодветна за користење во нашите услови на аерозагадување.
Напишете коментар