Во донесувањето ДУП, сведокот рече дека градежните инспектори немаат надлежност да учествуваат, ниту, пак, градоначалникот кој, како што рече, не е ни стручен за тоа

Денешното рочиште за случајот „Пулс“ продолжи со сведокот Драган Ананиев, кој е вработен во Општина Кочани. Тој рече дека работел и како главен општински секретар, но дека немал законска надлежност за контрола на инспекциските служби.
Сведокот појасни дека од 2023 година бил назначен за главен инспектор во општината и било формирано посебно одделение за инспекциски служби, и тоа за сообраќајна, комунална, градежна и за животна средина.
Прашан дали како општински секретар вршел контрола на инспекциските служби, сведокот рече – не.
„Немам законска надлежност за контрола на инспекциските служби“,
рече сведокот.
На прашањето да појасни кој е надлежен за контрола на инспекциски служби кога нема раководител, сведокот рече дека во согласност со Законот за инспекцискиот надзор, кога нема раководител на одделение за инспекциски надзор, тоа функционира така што контрола врши тој што е избран.
„Функционира така што тој што е избран, градоначалникот“,
рече сведокот.
Според него, инспекторите носат годишен план со редовни и вонредни контроли, кои подлежат на контрола на државен инспекторат, а се доставуваат и до Советот на Општина и до градоначалникот.
„Годишните извештаи ги изработуваат инспекторите, а ги потпишува градоначалникот“,
рече Ананиев.
Тој одговараше и на директни прашања од обвинетиот Огњен Георгиев, општински градежен инспектор во Општина Кочани.
Прашан дали при основање нов правен субјект или подружница е потребно до Општината да се достави документација, сведокот рече – не.
„Нема таква документација што се прима во Општината. За угостителската дејност, Општина Кочани има многу мала дадена надлежност. Се води регистар на физички лица, со правни лица немам надлежност. Со приватни само за јавна прометна површина, друга документација не“,
додаде сведокот.
Прашан дали кога некое службено лице ќе утврди нерегуларност надвор од својата надлежност, се доставува до надлежните инспекциски служби, сведокот рече дека секое пристигнато барање или известување се препраќа.
„Тој не може да постапи, но го препраќаат до надлежната институција. Без разлика дали е внатре или надвор“,
рече сведокот.
Во донесување на ДУП, сведокот рече дека градежните инспектори немаат надлежност да учествуваат ниту, пак, градоначалникот, кој, како што рече, не е ни стручен за тоа.
Прашан дали контролата на угостителската дејност е во надлежност на градежен инспектор или градоначалникот, сведокот одговори оти тоа е надлежност на друг.
Претходно, на денешното рочиште беше сослушан и сведокот Александар Јосифов, кој од 2017 до 2021 година бил главен секретар во Општина Кочани, во мандатот на градоначалникот Николчо Илиев.
Јосифов рече дека во тие години во Општина Кочани функционирале три инспекциски служби – комунална, животна средина, градежен инспекторат и подоцна се вработил и сообраќаен инспектор, но немало раководител на инспекциските служби.
Директна одговорност со инспекциските служби сведокот Јосифов рече дека немале, но им биле поддршка, на пример, ако имаат потреба за користење возило или слично.
Сведокот рече во првите две години инспекциските служби доставувале извештаи за работата до Советот на Општина Кочани, а од 2019 такви извештаи не се доставувале, со образложение дека се направени законски измени.
На прашање од обвинетиот општински градежен инспектор Огњен Георгиев дали е точно дека тие постојано комуницирале со градоначалникот и со него како општински секретар, сведокот рече дека комуникација имало, но чисто како помош, а не како контрола.
Прашан дали тој градежен инспектор можел да закаже уривање без знаење на градоначалникот или секретарот на Општината, сведокот рече процесот на отстранување дивоградби е преку овластена фирма по систем на јавна набавка.
Прашан од одбраната дали додека бил вработен во Општина Кочани, била добиена пријава за работата на „Пулс“, сведокот рече оти таква пријава немало.
На прашање дали додека бил во општината пристигнало барање за пренамена или реновирање од „Класик М“ или „Пулс“, тој рече дека такво барање немало.
Пожарот во „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Во него загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Судењето се наоѓа во доказната постапка со сослушување сведоци на предлог на Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители.
