„Дискутиравме и едно од прашањата беше како понатаму, односно дали да седнеме да разговараме или да се водиме со тоа што веќе е најавено односно да продолжиме да бараме легитимитет. Се дискутираше и едногласно се стигна до ставот дека треба да се седне со ВМРО-ДПМНЕ и да се отворат сите прашања“, вели министерот за правда и член на Алијанса за Албанците
„Пред да има такво гласање (за измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа н.з), неколку дена претходно имавме состанок на коалицијата ’Европски фронт’ во поширок состав на претседатели и други претставници на партиите, на кој бевме информирани дека има покана од владејачката ВМРО-ДПМНЕ или некаков вид на покана преку трети лица. Дискутиравме и едно од прашањата беше како понатаму, односно дали да седнеме да разговараме или да се водиме со тоа што веќе е најавено односно да продолжиме да бараме легитимитет. Се дискутираше и едногласно се стигна до ставот дека треба да се седне со ВМРО-ДПМНЕ и да се отворат сите прашања“, рече актуелниот министер за правда Кренар Лога во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

Оваа покана од ВМРО-ДПМНЕ, според Лога – кадар на Алијанса за Албанците на Зијадин Села, била општа, а не само за измените на законот за реорганизација на министерствата.
„Општа, бидејќи ние дадовме мандат на еден состав од нашата коалиција, каде наш претставник беше Елми Азири, кој седна во Собрание и таму беа отворени две клучни прашања – едното беше за измени на овој закон и другата тема беше за формирање ад-хок комисија во парламентот која два пати годишно ќе дава извештај до кој степен е имплементиран балансерот“,
кажа Лога.
Лога вели дека оваа точка е важна за претставниците на „Европскиот фронт“ бидејќи правичната застапеност не се почитува во Македонија, со тоа што балансерот се злоупотребува и се прави дискриминација и кон Албанците, но и кон Македонците. Дополнително, како кандидат на листата на „Европски фронт“ во третата изборна единица, Лога забележал дискриминација и над турската заедница во источниот дел од земјата.
На новинарско прашање зошто наместо оваа точка, не било побарано да се разговара за други теми за кои „Европскиот фронт“ реторички тврди дека им се важни, како што се уставните измени за внесување на Бугарите, Лога вели дека овие теми ќе се најдат на масата понатаму зашто дијалогот помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Европски фронт“ ќе продолжи.

Во однос на соопштението кое дојде од ВМРО-ДПМНЕ по средбата со претставници на „Европскиот фронт“ во петокот вечер, во кое се вели дека „законот е работен со поддршка на меѓународните партнери на државата и е дел на ИПА-програмата на Европската Унија“, тој коментира:
Лога: Долги години е во прашање оваа тема за тоа дали треба да има реорганизација на институциите, имате слепи институции кои не знаете зошто постојат.
360°: Ама не на ова ниво, беше повеќе на ниво на агенции, управи, дирекции…
Лога: Во овој дел што тие го кажуваат, немам никакви информации бидејќи до ден-денес немам слушнато нешто такво. Не верувам дека е така како што вика ВМРО-ДПМНЕ бидејќи ако имаше таков документ, сигурно ќе беа пред нас во јавност и ќе моравме да молчиме пред тие факти.

360°: Има главно две тези – едната е дека е пазар меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ поврзан со евентуални случаи на кривично гонење и втората е дека Ахмети, свесен дека двајца пратеници Турци од коалицијата плус Мендух Тачи секако ќе го поддржат овој закон, а не сакајќи да се создаде перцепција дека коалицијата му се распаѓа, решил да се даде поддршка на ниво на „Европски фронт“.
Лога: Нема таква теза, бидејќи денови наназад и турските партии и Мендух Тачи и другите имаат кажано свој став во јавни настапи и преку реакции на социјални мрежи дека остануваат во Фронтот и тоа што ќе се заземе како став ќе се поддржи.
360°: Инаку, факт е дека двајцата пратеници Турци и Мендух Тачи гласаа за измените, плус уште неколку пратеници од ДУИ.
Лога: Значи, сите пратеници (од „Европски фронт“, н.з.) освен пратениците на Алијанса за Албанците, го поддржаа законот.
360°: А зошто вашите не го поддржаа?
Лога: Имавме внатрепартиски дискусии и во Собрание кога имаше координација на пратеничката група за тоа дали да се гласа. Секој воден од своето искуство ги кажуваше ставовите – ние имаме искуство како конструктивна опозиција околу десет години, ДУИ има искуство од повеќе од дваесет години од власт и нивен став беше дека треба да се даде шанса на новото мнозинство и дека овој легитимитет се добива од страна на Фронтот, а не од ВЛЕН бидејќи без гласовите на „Европски фронт“ законот не можеше да помине.