Вкупниот број трансплантации досега е 502, од кои 85 се кадаверични. На листа на чекање, според надлежните во Клиниката за Урологија, пет пара се спремни за жива трансплантација, а околу 120 луѓе за кадаверична, односно од починат донор
Кај 25-годишна пациентка во декември минатата година била изведена 500-та трансплантација на бубрег во земјава. Пациентката сега е во добра здравствена состојба и се враќа на секојдневните животни активности. Ова денеска го изјави министерот за здравство д-р Фатмир Меџити, кој беше во посета на Универзитетската клиника за урологија по повод јубилејната трансплантација на бубрег во јавното здравство.

„Особено ми е драго што по оперативниот зафат и постоперативниот тек, денеска таа е во добра здравствена состојба и полека се враќа на секојдневните животни активности. Упатувам огромни честитки до директорите на клиниката, до националниот координатор за трансплантација и целиот стручен тим за одличните резултати што ги постигнуваат сите овие изминати години“,
рече Меџити.
Според него, органодарителството претставува едно од најголемите достигнувања во медицината.
„Органодарителството спасува животи и горд сум што свесноста и важноста сѐ повеќе се зголемува. Продолжуваме да водиме вистинска грижа за пациентите и за здравствените работници“,
изјави министерот Меџити.
На прашањето колку пациенти чекаат на листа, професор доктор Гоце Спасовски рече дека пет пара се спремни за жива трансплантација, а околу 120 луѓе за кадаверична, односно од починат донор.
Директорот на Клиниката за урологија Сашо Дохчев информирал дека вкупно 502 бубрежни трансплантации се спроведени досега на Клиниката за урологија.
„Вкупниот број на трансплантации досега е 502, од кои 85 се кадаверични. Значајно е да се напоменат и трите години за време на пандемијата од ковид-19, период кога со голем ризик за пациентите, се изведуваа трансплантациите“,
појасни Дохчев.