Од 132 260 граѓани, за кои податоците се преземени од административни бази, односно не се сретнале со попишувач, па не се прашани за етничка припадност и таа графа за нив ќе остане празна, во Скопје се 33,4 отсто
За вкупно 132 260 граѓани графите за етничка припадност, мајчин јазик и за вероисповед во резултатите од пописот се празни. Тоа е групата граѓани за кои податоците се преземени од административни извори (бази на податоци од 12 институции), кои не се сретнале со попишувач, што значи дека не се прашани за овие категории.
„Во ниедна база нема податок за етничката припадност. Етничката припадност е чувство, не е нешто што може да се документира, така што за овие лица прашањето за етничката припадност, мајчин јазик, јазикот кој се говори во домаќинството и чувството за вероисповед ќе ги нема. Тие се празни“,
рече денеска директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски.
Овие граѓани, практично, се трета по бројност „етничка група“ во државата, по Македонците и Албанците. Од резидентното население, на пример, Македонците се 55,44 проценти, Албанците 24,3, а групата за која податоците се преземени од базите и не се прашани за етничката припадност се 7,2 отсто. Од вкупното попишано население, пак, Македонците се 54,21 отсто, Албанците 29,52, а следни се оваа група со 6,2 отсто.
На што се должи бројката од 132 260 „непрашани“
Според директорот Симовски, оваа бројка делумно се однесува на бојкотот и на црните кампањи, како што беше таа дека процентите однапред се договорени. Со дел од „бојкотирачите“, рече тој, успеале да се справат со повеќекратни разговори во кои дел и ги разубедиле да се попишат. Меѓутоа, да не биле тие кампањи, според директорот, бројката ќе била помала од 132 260. Сепак, тој наведува и други причини за ваквиот исход.
„Ние спроведувавме попис во исклучително тешки временски околности. Прво, беше септември, продолжено лето, во година кога традиционалните туристички центри околу нас во јули и половината од август не работеа, беа затворени. Луѓето го искористија тоа топло време да користат годишни одмори, тогаш се ослободија, по речиси година и пол имаа таква можност. Многу луѓе не беа физички присутни тука. Таму остававме пораки дека дошол попишувачот, телефонски број да се јави. Добар дел од граѓаните тоа го поткрепија, меѓутоа дел не ја искористија таа можност. Понатаму, имавме интензивни работи во земјоделството, луѓето кои се занимаваат со земјоделство беа по нивите до доцна во денот, дома доаѓаа по 8 часот. Дел од нив тешко се наоѓаа. Имавме и ковид, многу луѓе не отвораа врати поради тоа што се плашеа од евентуално ширење на болеста иако ги преземавме сите мерки и немавме никакво влијание на проширување на пандемијата. И уште низа други причини“,
рече Симовски.
Директорот рече дека е задоволен бидејќи очекувале и поголема бројка во оваа категорија. Тој тврди дека во другите околни земји кои спроведуваа попис во истиот период, има многу поголем број неопфатени.
Каде има најмногу неопфатени
Од оваа категорија на неопфатени, како што ја нарекува Симовски, односно граѓани за кои графите за етничката припадност, јазикот и религијата ќе останат празни, очекувано, најмногу ги има во Скопје.
Според извештајот објавен на веб-страницата на ДЗС, во главниот град се 44 175 што е 33,4 отсто од вкупниот број неизјаснети во целата држава. Во однос на вкупниот број жители на Скопје, тоа значи дека од 526 502 резидентно население, со празна графа за етничка припадност остануваат 8,39 отсто.
По општини тие 44 175 жители во Скопје се распоредени на следниот начин:
- Чаир 6 226;
- Кисела Вода 5 439;
- Карпош 5 348;
- Аеродром 5 248;
- Центар 5 013;
- Гази Баба 5 002,
- Шуто Оризари 4 485;
- Ѓорче Петров 3 311;
- Бутел 2 653;
- Сарај 1 450.
Од другите општини во земјава, поголема бројка на „непрашани“ за етничката заедница има во:
- Куманово 7 616;
- Струмица 6 480;
- Битола 5 505;
- Прилеп 4 959;
- Велес 4 718;
- Штип 4 385;
- Тетово 4 368;
- Охрид 4 289;
- Струга 3 530;
- Гостивар 3 409;
- Кавадарци 2 428;
- Кичево 2 405;
- Кочани 2 399.
*Повеќе вести поврзани со пописот:
- Објавени резултатите од пописот 2021: Во земјава живеат 1 836 713 лица
- Пописот низ етничка призма: Во земјава живеат 58,44% Македонци, 24,3% Албанци, 7,2% „непрашани“, 3,8% Турци…
- Кај 132 260 жители графата за етничката припадност е празна, најмногу ги има во Скопје, Куманово и Струмица
- Во земјава живеат 3 504 лица што се декларираат како Бугари
- Попис 2021: Скопје има речиси 20 илјади жители и над 50 илјади стана повеќе од 2002 година
- Ковачевски: Пописот содржи релевантни информации
- Ахмети се огласи за пописот: Во Скопје сега има 22,8% проценти Албанци, наспроти од 20,04% во 2002 г.