Портпаролот Дарко Каевски на денешната прес-конференција рече дека се работи за договори со кои граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија ќе добијат можност да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, за кои не може да се расправа на Комисијата за надворешна политика бидејќи Милошоски не закажува седница
СДСМ бара од претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи Антонијо Милошоски итно да закаже седница на комисијата со цел да започне процедурата за ратификација на договорите од иницијативата „Отворен Балкан“.
Портпаролот Дарко Каевски на денешната прес-конференција рече дека се работи за договори со кои граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија ќе добијат можност да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, односно ќе се отворат нови работни места, пополнувања на дефицитарните работни места во приватниот сектор во сите три држави кои се дел од Иницијативата.
„Завршени се сите подготовки за либерализирање на пазарот на трудот и изнајдени се решенија за да започне издавањето на идентификацискиот број за граѓаните на Отворен Балкан, кој е неопходен технички предуслов за слободно движење на пазарот на трудот во сите три држави. Но македонските граѓани се уште не можат да ги почувствуваат придобивките од ова, затоа што меѓународните договори со кои се уредува оваа материја се уште не се ратификувани. Истовремено, не се ратификувани уште неколку договори поврзани со Иницијативата ‘Отворен Балкан’. А не се ратификувани затоа што Милошоски упорно не ја закажува седницата и на тој начин дејствува на штета на граѓаните, на штета на државата“,
рече Каевски.