Концептот за такво нешто, вели Пендаровски, треба добро да се осмисли и да се спроведе со експертска поддршка од Европската Унија, затоа што се сомнева дека само со употреба на домашните ресурси можеме суштински да ги промениме состојбите во правосудството
Кадровско прочистување во правосудството ќе биде нужно во блиска иднина, вели шефот на државата Стево Пендаровски во интервју за порталот „Фактор“, a во контекст на актуелните контроверзни случувања во Судскиот совет и неодамнешните судски одлуки за „најжешките предмети“.

На прашањето дали е повеќе за ветинг во судството или смета дека и без него може(ше) да се средат состојбите во правосудниот систем, Пендаровски дава своевиден осврт на неговите ставови од изминатите години и сега.
„На парламентарните избори во 2016 година, како носител на листата во првата изборна единица се залагав за ветинг на судиите и обвинителите. Меѓутоа, во меѓувреме беше формирано Специјалното јавно обвинителство (СЈО) кое од самиот почеток почна да покажува завидни резултати, а по формирањето на првата влада на (Зоран) Заев во 2017-та, во Брисел имаше сериозни резерви во однос на еден таков зафат, имајќи ги предвид негативните ефекти од тој процес во соседна Албанија. Меѓутоа, денес гледајќи ги „ефектите“ од работата на актуелниот правосуден систем, јасно е дека некаков тип на кадровско прочистување во правосудството ќе биде нужно во блиска иднина“,
вели шефот на државата.
Концептот за такво нешто, додава тој, треба добро да се осмисли и да се спроведе со експертска поддршка од Европската Унија.
„…Затоа што се сомневам дека само со употреба на домашните ресурси можеме суштински да ја промениме состојбата во таа област“,
смета Пендаровски.
За потребата од ремонт на одредени институции, процеси и закони во делот на правосудството денеска говореше и премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по настанот на кој се одбележаа 70-години од основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” и 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи”.
Потребата од вакви чекори, според Ковачевски доаѓа и од анализите за состојбите во правосудството, како и од изјавите на странските дипломати.
Инаку, Ковачевски конкретно беше прашан за изјавата на министерот за правда Кренар Лога кој вчера најави дека по контроверзните случувања во Судскиот совет, власта и опозицијата деновиве ќе разговараат за целосно распуштање на ова тело.
Според премиерот, со министерот за правда не разговарале во детали за ова прашање и посочи дека законските одредби за судството и телата што ги избира, одлуката ја носи Собранието.
Кога станува збор за одговорноста, според премиерот, таа не треба да се генерализира оти, како што рече, таа секогаш има име и презиме.
„…Не може вие да генерализрате дека не е добро сè комплет. Треба да изградат систем во кој ќе може точно да се каже што е добро и да се пофали, што може да се унапреди, да се унапреди, а што е она што навистина не чини, да може да се отстрани. Тоа е начинот на кој сите држави ги унапредиле своите системи во секој дел на општеството“,
рече Ковачевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска во Собранието побараа на следната пленарна седница да се отвори точката за состојбата во Судскиот совет, која партија ја поднела уште минатиот месец.
Барањето на прес-конференција го изнесе пратеничката Дафина Стојаноска, која рече дека ВМРО-ДПМНЕ поднела барање за ставање на точка на дневен ред во Собранието, под име – Информација за состојбите во Судскиот совет и оти Информацијата во собраниската архива била доставена на 3 мај и изгласана како 35. точка на дневниот ред на 115. пленарна седница, која започнала на 10 мај. Стојаноска додаде дека досега се имаат одржано 11 нејзини продолженија, но оваа точка сè уште не стигнала на дневен ред.
