Министерството за правда го објави предлог текстот на Законот за јавно обвинителство кој влегува во владина процедура, а од следната недела се очекува да влезе и во собраниска процедура. Текстот содржи вкупно 111 члена, чија суштина вчера на прес-конференција ја објасни премиерот Зоран Заев.
ВМРО-ДПМНЕ се уште го разгледува предлог текстот и нема конечен став како ќе се постави. Но, имајќи ги во предвид неколкумесечните неуспешните преговори и главната точка на судир меѓу двете страни, веќе може да се препознае што, во суштина, ќе биде камен на сопнување. Името на „проблемот“ потенцијално може да се препознае во ставот 2 од членот под број 106, кој гласи:
„Со денот на отпочнувањето на примената на овој закон, надлежностите на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите и надлежностите на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција преминуваат во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, а започнатите постапки продолжува да ги води Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција во фазата во која се преземени.
пишува во член 106 став 2 од предлог- законот на Владата.
Во пракса, ова значи дека новото „споено“ обвинителство ќе ги застапува сите предмети кои ги застапуваше СЈО. И оние кои веќе се во фаза на судење, но и оние кои се во фаза на предистрага, истрага или пак за нив е поднесено обвинение по 30 јуни 2017 година. Меѓу тие „нови“ предмети е на пример истрагата „Империја“. Но, меѓу таквите предмети е и „Талир“, за нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и за начинот на кој е изградено новото партиско седиште во Скопје.
Опозицијата засега не соопштува став за целиот закон, но директно или индиректно ги навести своите позиции. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски денеска изјави дека Рускоска е далеку од прифатливо решение за шеф на „споеното“ обвинителство. Под превезот на наративот на опозицијата за „Рускоска обвинителство“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски уште синоќа посредно навести дека за него се неприфатливи и „новите“ предмети.

„Јас јавно го повикав јавниот обвинител да ме повика да посведочам бидејќи бев предмет на уцена од страна на Катица Јанева кога таа бараше од мене да го поддржам Законот за јавно обвинителство, а сѐ со цел да го одмрзне имотот на партијата, кој што како нелегален тужител го замрзна, а судот под притисок на СДСМ и Обвинителството го потврди тоа барање,
изјави Христијан Мицкоски синоќа во Битола.
Ставот на Мицкоски дека СЈО е незаконски тужител во „Талир“ има правна поткрепа во начелното правно мислење на Врховниот суд- дека СЈО не може да застапува „нови“ предмети по рокот од 18 месеци од моментот кога ги доби прислушуваните разговори, кој истече на 30 јуни 2017 година. Истата одлука важи за истрагата „Империја“.
Со актуелниот предлог на власта, такво ограничување нема да има за новото Обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, каде ќе завршат и сите човечки, материјали и доказни ресурси на СЈО. Тоа го потврди и обвинителката Вилма Рускоска во гостување на радио Канал 77, прашана дали истрагата за „Рекет“, ќе ја поништи „Империја“.
„Откако Врховниот суд го донесе тоа несреќно мислење, сметам дека и да остане така, сега новово обвинителство може да го почне од почеток. Да ги собира доказите и апсолутно не сметам дека било кој од предметите, ако има доволно докази и ако не застари, нема да пропадне“
изјави обвинителката Вилма Рускоска за Канал 77
Мицкоски во неколку наврати обвинуваше дека „Талир“ е обид на власта да ја забрани ВМРО-ДПМНЕ, како на пример при неодамнешното интервју на Канал 5.
Што вели кривичниот законик?
Забраната за вршење дејност, вклучувајќи ги и политичките партии, е регулирана во Кривичниот законик. Во член 96 в, став 9, пишува:
„Казната привремена или трајна забрана за вршење одделна дејност и престанок на правното лице не може да се изрече на правно лице основано со закон, како и на политичка партија.“
Поедноставено, кривичниот законик изречно забранува престанок на постоење или забрана за вршење на дејност за политичка партија. Тоа би значело дека иако со обвиненијата на СЈО во предметот „Талир“ се гони и правното лице ВМРО-ДПМНЕ, судовите не може да изречат казна со која би било забрането постоењето на оваа политичка партија – ниту привремено ниту трајно.
Кој и за што е обвинет во „Талир“
Обвинителните акти „Талир“ – за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, и „Талир 2“ – за незаконска изградба на седиштето на оваа партија, се поднесени на 22 ноември 2018 година.
Обвинението за „Талир“ е против шест физички и едно правно лице: Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски, Леко Ристоски, Елизабета Чингаровска, како и ВМРО-ДПМНЕ, за злоупотреба на службената положба и овластување, и перење пари и други приноси од казниво дело.

Обвинението за изградба на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ е поднесено против Никола Груевски и Кирил Божиновски кои, според СЈО, со злоупотреба на службената положба, овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради објектот.

Кривичниот суд во јануари, пред Врховниот суд да го утврди цитираното начелно правно мислење, го одобри обвинението за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ (во судскиот процес претстојат воведни говори), а обвинителниот акт за изградбата на седиштето се уште е во фаза на оценка. На барање на СЈО, во меѓувреме, судот замрзна околу 70 станбени единици во сопственост на партијата (купени во периодот 2013-2015 г.), а забрана за отуѓување има и за седиштето.
Решавање на судбината СЈО е услов за Холандија да поддржи отворање пристапни преговори за ЕУ со С. Македонија. Во годишниот извештај на Европската комисија, пак, меѓу другото, пишува:
„Од суштинско значење е да продолжи воспоставување правна одговорност за криминалите кои произлегуваат и се поврзани со прислушуваните разговори.“