Неговата одлука доведе до големи тензии, граѓаните излегоа на улица, а имаше и неколку судири со војската и полицијата
Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јол вечерва изјави дека ќе ја укине вонредната воена состојба што ја прогласи во текот на денот, посочувајќи дека ќе бидат повлечени воените сили што се распоредени во Сеул. Ваквата одлука се очекува да стапи во сила за неколку часа.

Претходно, парламентот, во кој диминираат партиите на опозицијата, ја отфрли неговата одлука за воведување вонредна состојба.
„Во парламентот се гласаше за укинување на вонредната состојба, затоа ги повлекуваме војниците што се распоредени за операциите за вонредна состојба. Ќе го исполниме барањето на парламентот и ќе ја укинеме вонредната состојба на владина седница“,
рече тој во телевизиско обраќање.
Јун претходно денеска прогласи вонредна состојба, обвинувајќи ја опозицијата дека го контролира парламентот, сочувствува со Северна Кореја и ја осакатува владата со антидржавни активности.
Овој потег наиде на непосреден отпор од политичарите, вклучително и од лидерот на неговата конзервативна партија, Хан Донг Хун, кој ја нарече одлуката погрешна и вети дека ќе ја запре.
Неговата одлука доведе до големи тензии, граѓаните излегоа на улица, а имаше и неколку судири со војската и полицијата.
Од Белата куќа соопштија дека јужнокорејскиот претседател не ги известил однапред Соединетите Американски Држави (САД) дека ќе прогласи воена состојба во државата.