Пратеникот на Бундестагот оценува дека српските медиуми се под силна контрола и притисок, што е неприфатливо во демократските системи
Пратеникот на германскиот Бундестаг и член на Комисијата за надворешна политика, Јосип Јуратовиќ, оцени дека Србија има шанса да влезе во Европската Унија во 2025 година, па и порано, но посочи дека тоа не е реално со сегашната ситуација и односот кон слободата на медиумите, судската независност и институциите.
Јуратовиќ во интервју за ТВ Н1 рекол дека сè зависи од општествено-политичкиот развој, потенцирајќи дека одлучувачко ќе биде дали функционираат институциите.
„Јас веќе долго време сум во процесот како пратеник задолжен за надворешната политика и за овој регион и можам да кажам дека перспективата на Западен Балкан е тука и зависи од актерите и од политичкиот развој во регионот. Зависи од тоа какви се меѓудржавните односи, и што ќе биде многу важно во иднина, како ќе се развиваат општеството и државните институции во овие земји“,
изјавил пратеникот на Социјалдемократската партија во Бундестагот.
Според Јуратовиќ, кога станува збор за Србија, еден од најголемите проблеми е слободата на медиумите.
„Не можам да кажам каде точно е главниот проблем. Но, што се однесува до извештаите што ги добиваме во Европа, факт е дека медиумите се под силна контрола и притисок, што е неприфатливо во демократските системи“,
вели Јуратовиќ.
За новата методологија за проширување на ЕУ вели дека во Бундестагот мислат дека ова не е ништо ново.
„Логично е дека е во наш интерес овој процес да продолжи. Тоа е поврзано со економскиот развој. Но, не само тоа. Важно е, напоредно со економскиот развој, да функционираат и институциите, затоа што без функционални институции нема да има економски развој. Така, целата нова методологија е фокусирана на развојот и на општеството и на економијата“,
оцени Јуратовиќ.
Тој кажа дека нема јасен датум, нема јасни цели за тоа кога и со која брзина ќе оди ЕУ, сето тоа зависи од актерите на теренот.