Од Јавното сообраќајно претпријатие велат дека мерката започнува да се применува од денеска, па сè до завршување на алармантната состојба, што ќе биде објавено од надлежното министерство согласно резултатите од државниот мониторинг-систем за квалитет на амбиентален воздух
Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ попладнево соопшти дека ја активира мерка – бесплатен јавен превоз како дел од мерките поради високата загаденост на воздухот во главниот град.

„Јавното сообраќајно претпријатие ги информира граѓаните дека согласно соопштението од Министерството за животна средина и просторно планирање за надминување на прагот на алармирање за суспендирани честички со големина до 10 микрометри, се активира мерката бесплатен јавен превоз“,
информираат од ЈСП.
Оттаму велат дека мерката започнува да се применува од денеска па сè до завршување на алармантната состојба, што ќе биде објавено од надлежното Министерство согласно резултатите од државниот мониторинг систем за квалитет на амбиентален воздух.
Изминатите неколку дена главниот град на земјава се соочува со зголемено ниво на загаденост на амбиенталниот воздух.
Скопје во петокот минатата недела во еден момент се најде на трето место на листата на најзагадени градови во светот.
Според објавата на веб-страницата iqair.com, во главниот град на земјава во петокот претпладне беа измерени 115,1 микрограми на кубен метар ПМ 2,5 честички. Најголема загаденост измериле станиците во Лисиче, Гази Баба, Ректорат и Центар.
Скопје и денеска наутро повторно се најде на листата на светски градови со најзагаден воздух, но овој пат на 16. место со индекс на загаденост 153. Сепак, тоа не ја прави ситуацијата помалку загрижувачка, зашто според платформата iqair, степенот на загаденост на воздухот е сè уште опасен по здравјето.
Според последното мерење, во 15.30 часот на веб-страницата iqair.com, Скопје се наоѓа на 22 место на листата на најзагадени градови во светот. Главниот град според индексот на веб-страницата е во портокалово ниво на загаденост, означено како опасно по здравјето за сензитивни групи на лица.
Поради зголемено загадување на воздухот, од саботата стапија во сила препораките и мерките за надминување на прагот на алармирање за суспендирани честички со големина до 10 микрометри во Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица, а од вчера и во Гостивар. Одлуката ја донесе Владата по информации добиени од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) откако на мерните места во овие градови во текот на два последователни дена беше надмината вредноста на ПМ 10 честичките од 150 микрограми на метар кубен.
Согласно владината одлука, МЖСПП во соработка со Министерството за здравство им препорачува на сите правни субјекти да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар, како и да го реорганизираат работното време и лица на отворено да работат од 11 до 17 часот.