Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ го склучило договорот за одржување на фонтани кој може да достигне 580.000 евра, затоа што овие објекти од проектот „Скопје 2014“ имале вградена комплексна опрема. А таква опрема, велат од „Водовод“, тие немаат капацитет самите да ја одржуваат.

„ЈП ,Водовод и канализација’ – Скопје не е регистрирарано за дејноста одржување на фонтани. Оттука, поради специфичноста на опремата што е вградена во фонтаните (контролери со софтвери и пропратна електроника, системи за филтрација со реверсна осмоза, голем број разновидни пумпи), неопходно е да има стручна надворешна фирма која ќе врши одржување на вградената опрема. За тековните дневни активности претпријатието во идниот период ќе обезбеди и оспособи сопствен кадар за опслужување на фонтаните (дневно чистење, дотур на хемикалии, чистење на филтри, дополнување на вода и слично)“, пишува во одговорот од ЈП „Водовод и канализација“.
Според склучениот договор, објавен на Бирото за јавни набавки, предмет на одржување се следните фонтани:
- фонтана Воин на коњ
- четирите фонтани на Карпошово востание
- фонтана Мост око
- три фонтани кај Пресвета Богородица
- џампинг џет фонтаната на плоштадот
- фонтана Паднати херои
- фонтана ВМРО
Во договорот има и посебна ставка „Потребни резервни материјали, опрема и интервенции“.
Збирот од сите овие ставки изнесува близу 150.000 евра, што е далеку помалку од вкупната вредност на потпишаниот договор. Таа разлика е објаснета во член 3 од договорот:
„Вкупната вредност на договорот… ќе се утврди врз основа на стварно извршените услуги според потребите на Корисникот за период од 12 месеци, но не повеќе од износот од.. 35.400.000,00 денари со вклучен ДДВ (580.000 евра н.з.).“
Од „Водовод“ дообјаснуваат дека овој член од договорот значи дека, на крај, тендерот можеби ќе чини далеку помалку од 580.000 евра.

„Во договорот се предвидени единечни цени за секоја можна потреба од интервенција … што не значи дека таа ќе биде целосно искористена. Спецификацијата на склучениот договор е само ценовник по кој ќе се врши услугата … Реалната вредност на договорот ќе зависи од реалните потреби што би се појавиле во текот на реализацијата на склучениот договор … Досега не се потрошени средства од склучениот договор, но ние мораме да предвидиме средства за сите можни потреби кои произлегуваат од одржувањето на фонтаните за проектот ,Скопје 2014’“, велат од „Водовод“.
ВМРО–ДПМНЕ: Зад одржувањето на фонтаните се крие „бизнис“
На тендерот на „Водовод“ за одржување на фонтаните реагираше ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, во договорот намерно е оставен простор за плаќање по реализација. Тие ја поврзуваат оваа ставка од договорот со неодамна откриената кражба на рефлектори од дел од фонтаните од проектот „Скопје 2014“.
„За 7 фонтани ќе се потрошат 580 илјади евра, со посебна ставка во договорот за набавка на потребни резервни делови и опрема, што отвора сомнеж дека замената на украдената опрема е многу повеќе од 60 илјади евра. Досега немаше одговорност за тоа што пред очите на градот Скопје мистериозно снема опрема вредна неколку десетици илјади евра. Оттука се поставуваат прашањата: дали зад одржувањето на фонтаните се крие уште една матна зделка на градот Скопје и ЈП ,Водовод’? Зошто градот Скопје драстично ја укина чуварската служба од претходно и дали зад украдената опрема за фонтаните се крие можност за уште една вносна заработка на некои фирми“,
праша денеска Сергеј Попов, член на ИК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова е првпат во последните години, а можеби и воопшто, ЈП „Водовод“ да спроведува јавна набавка за одржување на фонтаните. Лани таков тендер спроведе Град Скопје за истите објекти, но вредност на договорот беше далеку пониска – 100 000 евра.
Сепак, последниот тендер на „Водовод“ не е најскап кога е во прашање одржувањето на фонтаните. На 7 јуни 2016 година Град Скопје, со Коце Трајановски како градоначалник, склучил договор за „одржување фонтани и спомен обележја“. Најдобар понудувач бил скопски „Бетон“, кој добил 865.000 евра за работите. Договорот не е јавен за да спореди цената, ставка по ставка.