По вчерашниот долготраен прекин на водоснабдувањето во поголем дел од главниот град, ЈП „Водовод и канализација“ спроведе вонредни мерења кои покажале дека водата одговара на Правилникот за безбедност и квалитет на водата за пиење
Водата во скопскиот водовод може непречено да се користи, што значи дека е и безбедна за пиење, соопшти ЈП „Водовод и Канализација“. Информацијата доаѓа по вчерашниот долготраен прекин, во кој вода немаше поголем дел од главниот град и откако биле направени анализи на повеќе точки.
„Мониторингот опфати 9 (девет) клучни места и тоа во Автокоманда, Сингелиќ, Маџари, Ново Лисиче, Центар, Драчево, Пржино, Ѓорче Петров и Карпош од каде што беа земени примероци од водата за пиење врз кои беше изведено физичко-хемиско и микробиолошко лабораториско тестирање“,
соопштија од ЈП „Водовод и канализација“.
Покрај теренските мерења на рутинските параметри, велат од Јавното претпријатие, тестирањето било извршено со стандардна метода и јонска хроматографија за физичко-хемиската анализа. Мерењето вклучувало и микробиолошка анализа.
„Сакаме да ја информираме јавноста дека од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки одговараат на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ бр.183/18), со што констатиравме дека водата од водоснабдителниот систем на град Скопје е санитарно исправна и може од страна на граѓаните непречено да се користи“,
соопштија од ЈП „Водовод и канализација“.
По претходна најава, поголемиот дел од Скопје остана без вода од доцните вечерни часови во петокот (20 декември 2024 година). Водата почна да се враќа во чешмите околу 18 часот следниот ден, зависно од општина до општина. До вечерта, сите скопски општини имаа вода.
Причината за прекинот беа активности за санација, реконструкција и модернизација на градската водоводна мрежа.