Републичкиот обвинител Љубомир Јовески смета дека нема одговорност кај обвинителството за случајот „Монструм“ и нагласи дека одлуката да се врати предметот на повторно судење ја донел Врховниот суд.
Тој зборуваше за овој случај на собраниска седница за пратенички прашања откако пратеникот Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ го праша дали има одговорност кај обвинителката Лилјана Спасовска која на седница на Врховниот суд за жалбите на обвинетите во 2017 рече дека предметот треба да се врати на повторно одлучување заради утврдување на фактичката состојба.
Спасовска тогаш беше в.д. републичка обвинителка на местото на разрешениот Марко Зврлевски.
„Моето коментирање на определени докази може да значи и влијание врз судската власт. Во делот на прашањето зошто обвинителството дало предлог по жалбите на обвинетите, ќе нагласам дека таа одлука ја носи Врховниот суд, тој процени дека определени факти и околности треба повторно да се изведат и Основниот суд постапи по овие напатствија. Според тоа, нема елементи и основи за никаква одговорност во овој случај. Неблагодарно е да се коментираат состојбите во предметот, да почекаме и одбраната да ги изложи завршните зборови, а за тоа како обвинителството гледа на доказите јавноста беше запознаена преку завршните зборови на обвинителите изнесени на минатото рочиште“,
рече Јовески.
По седницата во Врховен во 2017 година, овој суд одлучи да ги укине пресудите, ги ослободи од притвор Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, кои со првостепената пресуда беа осудени на доживотен затвор. Во предметот осудени беа и Алил Демири и Афим Исмаиловиќ, но тие се во бегство во Косово. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО поради постоење на „бомби“ за овој предмет и судскиот процес беше вратен на повторно судење.
Повтореното судење е во завршница, а обвинителката Фатиме Фетаи пред една недела ги даде завршните зборови, направи прецизирање на обвинителниот акт, но остана на тоа дека станува збор за тероризам и побара затворски казни за петмина од обвинетите кои и претходно беа осудени. Само за еден се откажа од обвинението бидејќи рече дека немало докази.
За тројца обвинети за тероризам побара доживотен затвор, додека за двајца обвинети за кривични дела поврзани со помагање, пак, побара максимални затворски казни.
За „бомбите“, пак, како што рече, не дале нова вистина за случајот.