„Нанесена ми е штета, ако не сметале дека може да го водат процесот до крај, не требало да ме предлагаат бидејќи бев изложен на непотребни напади“, изјави поранешниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески откако денеска беше повлечен предлогот за неговата кандидатура за судија во Уставниот суд
По повлекувањето на предлогот на Љубомир Јовески за кандидат за уставен судија, во изјава за МИА тој денеска вели дека сметал оти процесот е завршен бидејќи веќе година и половина не се покренувало ништо по однос на ова прашање, но е изненаден што предлогот бил повлечен без да се дадат основни причини за тоа.

„Бидејќи таа работа година и пол не се покренуваше пред Комисијата за избори и именувања, сметав дека нема ништо од предлогот за уставен судија, зашто тие ако сакаа да го завршат тоа имаа време и можности. Воопшто во оваа година и пол со никого не комуницирав во врска со предлогот, а врз основа на моето досегашно искуство сметав дека нема потреба со некого да комуницирам, ниту некого околу тој дел да прашувам што станува со предлогот“,
вели Јовески.
Сепак, оцени дека е изненадувачки тоа што предлогот е повлечен без да се наведат основни причини за тоа, како и дека е изненаден што претседателката на надлежната собраниска комисија на денешното продолжение на седницата само соопштила дека предлогот е повлечен без да каже повеќе детали.
„Изненадувачки, вулгарно беше тоа дека предлогот е повлечен без да се наведат основни причини за тоа. Пристојно е да се дадат два-три збора. Нанесена ми е штета. Ако не сметале дека може процесот да го водат до крај, не требало да ме предлагаат бидејќи бев изложен на непотребни напади“,
додава поранешниот државен јавен обвинител.
Претходно денеска беше повлечен предлогот за кандидатот Љубомир Јовески да биде избран за судија во Уставниот суд. Денешната расправа на Комисијата за прашањата за изборите и именувањата беше 25. продолжение на седницата на која се расправаше за изборот на Јовески за уставен судија. Тој беше еден од кандидатите предложени од владејачкиот СДСМ за работа во Уставниот суд.