Собранието на С. Македонија денеска ќе расправа и одлучува за разрешување и избор на членови на Владата. Драган Тевдовски е само еден од министрите за кои премиерот Зоран Заев бара смена, но ресорот финансии е уникатен случај бидејќи токму Претседателот на Владата се самопредложи за таа позиција. 360 Степени разговараше со доскорешниот близок соработник на Тевдовски, Бранимир Јовановиќ, кој бурно реагираше на одлуката на Зоран Заев „метлата“ да го зафати и министерот за финансии.
360 Степени: Почитуван Бранимир Јовановиќ, соработувавте со министерот за финансии Драган Тевдовски без малку две години. Кога на почетокот на мај објавивте дека ја напуштате советничката позиција во министерството за финансии, дел од јавноста препозна дека и Тевдовски наскоро ќе си замине од позицијата. Дали уште на почетокот на мај веќе имавте информации дека министерот кој Ве повика да соработувате, наскоро ќе биде сменет или дека самиот сака да ја напушти позицијата?
Јовановиќ: „Немав такви информации и воопшто не очекував дека ќе биде сменет. Не сакам да звучам нескромно, ама мислам дека Министерството за финансии работеше навистина солидно изминативе две години, што се гледа и од резултатите. Буџетските приходи никогаш не биле подобри, дефицитот е намален, јавниот долг исто така, сите исплати се вршат редовно (за разлика од претходно), транспарентноста е значајно подобрена, бевме вклучени во многу важни закони кои ги намалуваат сиромаштијата и нееднаквоста (растот на минималната плата, социјалната реформа, прогресивниот данок…), економскиот раст заживеа, државата доби подобрување на кредитниот рејтинг по 13 години… Со вакви резултати, би кажал дека никој не можеше да ја очекува смената.“
360 Степени: Брзо откако премиерот Зоран Заев објави дека Тевдовски е дел од т.н. „метла“ имавте јавно обраќање со неколку силни пораки во одбрана на министерот. Прво, би прашал, кога напишавте – „Кај нас, ако ти не се наметнуваш, некој корумпиран хохштаплер ќе се наметне, и ќе работи против тебе.“ – дали мислевте на некој конкретен функционер и ако да – на кого точно и зошто?
Јовановиќ: „Би оставил јавноста сама да препознае.“
360 Степени: Во истото обраќање до јавноста велите и дека: „Мислев дека “метлата” требаше да ги фати оние кои работеа за личен интерес наместо за јавниот, оние кои местеа милионски тендери, оние кои трошеа државни пари, а ништо не работеа…“. Дали лично имате и докази дека дел од функционерите ги злоупотребиле јавните набавки за лични цели и ако имате, дали сте се обиделе да ги проследите до истражните органи?
Јовановиќ: „Доколку имам да кажам нешто на темата злоупотреба на службена положба, ќе го кажам тоа на надлежните државни органи. Мислам дека медиумите и социјалните мрежи не се првата инстанца каде треба да се соопштуваат такви работи. Мојот ФБ пост не беше напишан за да откривам такви работи, туку за да му дадам поддршка на Драган и да изразам несогласување со „метлата“. Дури малку и ми пречи што се стави толкав фокус на тие неколку збора.“
360 Степени: За јавноста сè уште не е јасно кои се причините што Драган Тевдовски е сменет од позицијата министер за финансии. Но, кога премиерот Зоран Заев ја објави веста дополни дека „Оваа одлука ја донесов заради тоа што оваа година ќе биде година за економијата. Тевдовски ќе работи околу мене, како советник. Следуваат храбри одлуки од кои бенефит ќе имаат сите граѓани“. Низ оваа призма, дали можете да ни откриете повеќе – во што не бил доволно храбар Драган Тевдовски или барем не е перципиран како таков?
Јовановиќ: „Ова ќе треба да го прашате Премиерот.“
360 Степени: Во најмала рака е невообичаена одлуката да разрешите министер бидејќи од некои причини сметате дека е неподобен за улогата и во исто време да го задржите за советник. Гледате ли логика во овој потег на премиерот?
Јовановиќ: „Искрено, не мислам дека е тоа добра идеја, за ниедна од страните. Драган треба да ѝ се врати на академската работа, каде беше многу почитуван и популарен професор. Мислам дека студентите ќе му се израдуваат.“
360 Степени: Имавте можност одблизу да ја следите работата на министерството за финансии. Нема законска пречка премиерот да биде и министер. Но, дали сметате дека оперативно тоа е возможно со оглед на тежината на ресорот?
Јовановиќ: „Ќе биде исклучително тешко да се биде и Премиер и Министер за финансии во исто време. Министерот за финансии има голем обем на тековна работа, веројатно најмногу од сите министри. Министрите за финансии секогаш доаѓале на работа и за викенди, за да ги потпишат сите документи кои останувале непотпишани во текот на неделата. Дополнителна тешкотија ќе биде и тоа што се започнати и многу сериозни процеси, за кои е потребна добра информираност и целосна посветеност. Да бидеш и Премиер и Министер за финансии е, отприлика, како да бидеш истовремено и диригент и прва виолина. Неслучајно нема таква пракса веројатно никаде во светот.“
360 Степени: На 26 мај 2017 година, пред да станете советник кај Тевдовски, во емисијата Клик Плус на ТВ21 изјавивте – „Да се назначи претставник на бизнис заедницата за вицепремиер е отприлика исто како да назначите човек кој што љуби да пие, да чува визба во којашто има складирано алкохол.“ Дали се уште стоите зад оваа изјава? И дали разрешувањето на Тевдовски е победа на Кочо Анѓушев?
Јовановиќ: „Жал ми е што случувањата од изминативе две години потврдија дека бев во право кога го кажав тоа. Притоа, морам да нагласам дека изјавата не се однесуваше на Кочо Анѓушев лично, туку на принципот да се назначи за вицепремиер претставник на бизнис заедницата (кога го кажав тоа, не се знаеше уште кој ќе биде тоа). Мислам дека немаше да биде ништо различно и доколку беше некој друг, наместо Кочо Анѓушев. Едноставно, на бизнисот не му е местото во владата, и точка. Не знам дали Кочо Анѓушев победи со разрешувањето на Драган, попрво би кажал дека граѓаните изгубија.“