Амбицијата на Македонија оваа година да ја добие поканата за членство во НАТО и пречките на тој пат, се во фокусот на посетата на министерката за одбрана Радмила Шекеринска на Соединетите Американски Држави. „Македонскиот случај“ Шеќеринска денеска го образложуваше во Стејт департментот, каде се сретна со дипломатите кои се најдиректно задолжени за земјата и регионот – Елизабет Милард и Метју Палмер. Што слушна министерката од првите луѓе во тимот задолжен за Европа, Евроазија и Балканот, од интервјуто за „360 Степени“.
Највознемирувачки збор за вашингтонските кругови во овој период е Русија. Оттука, имајќи ги предвид случувањата на релација Москва-Скопје, зачестените агресивно интонирани изјави што доаѓаат од руската власт, не е изненадување што во настапот што Шекеринска го имаше во Атлантскиот Совет овде во Вашингтон, едно од прашањата беше – какво е влијанието на Москва?
Дипломатските закани од Русија ги ставија на иста страна владата и Обединетата Македонска Дијаспора – организација која се залага за влез на Македонија во НАТО, но во исто време бара и прекин на преговорите за името со Грција.
Овде во Вашингтон може да се слушнат и песимистички сценарија – дека Македонија можеби и нема да добие покана за членство во НАТО на јулскиот самит на Алијансата. Ваквите проценки се темелат на неизвесноста околу исходот од преговорите за името, кои се заглавени на прашањето за опсегот на употреба на новото име и промената на уставот. Но, она што е позитивно во севкупната атмосфера на сложени меѓународни односи е дека актуелната американска администрација, наспроти првичниот скептицизам околу НАТО, сега се покажува за отворен и, како што се коментира овде, „закоравен“ поддржувач на трансатлантската соработка наспроти се поагресивната Русија. Меѓу најотворените поддржувачи на политиката на отворени врати на НАТО е секретарот за одбрана, Џејмс Матис, со кого Шекеринска се срекава во вторник.
За 360 Степени од Вашингтон, Владимир Мирчески.
Напишете коментар