Министерот посочи дека изминатите два месеци го посетиле тројца доктори што работат во европски држави, а за кои рече дека се заинтересирани да се вратат во земјава и тука да работат во јавниот здравствен систем
Министерот за здравство Арбен Таравари на скала од пет до десет го оцени јавниот здравствен систем со осумка, посочувајќи дека го даваат максимумот за граѓаните да добијат поквалитетни здравствени услуги.
Посочи дека е обезбеден буџет за 1 117 нови вработувања и 600 приватни специјализанти, како и дека на почетокот на идната година ќе се објават конкурсите.

„Даваме максимум, особени последните шест месеци да се поправи на подобро. Можеби хотелиерските услуги не се најдобри во јавното здравство, но услугите што ги добиваат граѓаните и медицинскиот персонал се квалитетни“,
вели Таравари.
Според него, секаде во здравствените системи во регионот проблем се човечките ресурси.
„Гледате како во Словенија и Хрватска бараат доктори, а многумина од кај нас си заминуваат. Ние како влада можеме да ги подобриме условите и платите и тоа го правиме. Не случајно 600 специјализанти ќе се вработат. Идната година капитацијата за матичните лекари ќе се покачи за да биде мотивација лекарите да останат да работат и да дадат максимум како здравствени работници. Но, тие што решиле да си одат надвор од државата не можеме со сила да ги задржиме“,
рече тој.
Посочи дека изминатите два месеци го посетиле тројца доктори што работат во европски држави, а за кои рече дека се заинтересирани да се вратат во земјава и тука да работат во јавниот здравствен систем.
„Сериозно треба како Влада да размислиме, особено за тие што работеле барем три години во европски држави, да ги вратиме и да ги интегрираме во нашиот здравствен систем“,
кажа министерот за здравство.
Најави стратегија во областите каде недостасуваат поголем број специјализации, како на пример, еден млад доктор да биде мотивиран да оди на патологија.
„Дајте ни време да видиме како би можеле тоа да го направиме за да се насочат на радиологија, патологија, тоа што ни треба најмногу во државата“,
вели Таравари.
Додаде дека идната година ќе започне доградбата и завршувањето на болниците во Штип и во Кичево.