При приведувањето, едниот од осомничените оттурнал и удрил полициски службеник нанесувајќи му телесна повреда, но набрзо бил совладан
Основното јавно обвинителство Тетово отвори истрага против две лица кои како соучесници извршиле кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Според соопштението на ОЈО Тетово, на 28 август двајцата осомничени во селото Палатица, Тетовско, во импровизирана колиба препакувале наркотична дрога – марихуана, која била наменета за натамошна продажба. На самото место биле пронајдени и одземени околу 78 грама марихуана во повеќе мали пакувања.
„При приведувањето, едниот од осомничените оттурнал и удрил полициски службеник нанесувајќи му телесна повреда, но набрзо бил совладан. Против него е поведена постапка и за – напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста согласно член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик“,
се вели во соопштението.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово доставил предлог за определување мерка притвор за осомничените. Судот го прифатил предлогот и на двајцата им определил притвор во траење од 30 дена.