Осомничените, на особено дрзок начин, со багер урнале дел од оградата на поликлиниката „Бит-пазар“ и почнале да го рамнат и тампонираат земјиштето во близина на здравствената установа кое не било во нивна сопственост, со намера да го претворат во паркинг, иако за тоа немале соодветна дозвола од општината, се вели во образложението од Јавното обвинителство

Осумдневен притвор е одреден за едно лице кое вчера Министерството за внатрешни работи го уапси откако заедно со уште едно лице со багер урнале дел од оградата на поликлиниката „Бит-пазар“ за да прават паркинг. На второто осомничено лице – управувач со багерот, соопшти ОЈО Скопје, од судот му е одредена мерка за претпазливост.
Двајцата осомничени се на возраст од 45 и 42 години, а од обвинителство преку соопштение наведоа дека тие на особено дрзок начин, со багер урнале дел од оградата на поликлиниката „Бит-пазар“ и почнале да го рамнат и да го тампонираат земјиштето во близина на здравствената установа кое не било во нивна сопственост, со намера да го претворат во паркинг, иако за тоа немале соодветна дозвола од општината.
„Надлежниот јавен обвинител предложи мерка притвор оценувајќи дека во конкретниот случај постои опасност осомничените да го повторат делото бидејќи кривично-правните дејствија ги презеле преку исклучителен волунтаризам и самоволие, со нарушување на имотот на објект кој е во општа употреба. Двајцата манифестирале огромна упорност за реализирање на својот потфат и за само два часа успеале да ги урнат оградата и бетонските столбови со цел да овозможат пристап на градежна механизација на локацијата, започнале да носат камиони со тампон и истуриле огромно количество песок за да го тампонираат просторот. Во ноќни услови, на особено фреквентно место од градот, со своите ископувања стигнале до ѕидовите на болницата, при што го загрозиле пристапот до болницата и спроводот на пациентите во итни случаи“,
се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Намерата на осомничените, како што велат од Обвинителството, била во најкраток можен период за време на викендот да го заокружат криминалниот потфат со ставање сопствена рампа со која во иднина би го узурпирале просторот и би профитирале од наплата на паркинг без дозвола. Ова за обвинителството укажува дека тенденцијата на осомничените била и понатаму да се занимаваат со казниви дејствија, што го оправдува стравот дека постои опасност тие да го повторат кривичното дело.