Нова средба на работната група за предлог-законот за јавно обвинителство на која ќе присуствуваат претставници на сите пратенички групи ќе се одржи утре, најави министерката за правда Рената Дескоска.
„Заврши јавната расправа за законот за јавното обвинителство. В петок, во 11 часот, ќе се одржи средба на работната група со сите пратенички групи со цел да усогласиме текст што ќе влезе во собраниска процедура“, напиша на Фејсбук министерката Дескоска.
Предлозите за номотехничко уредување на текстот ќе бидат испратени до работната група која го подготви предлог-законот за јавното обвинителство, но и до Секретаријатот за законодавство која е надлежна институција по ова прашање.
Дескоска истакна дека во текот на дводневната стручна расправа во собраниската Комисија за политички систем биле изнесени неколку естрадни тврдења дека има неуставност во овој концепт, што според министерката е апсолутно неточно бидејќи концептот со зајакнати надлежности на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција постои и во други земји.