Не го разбираме лицемерството на Пендаровски, кога очигледно е дека намерата му била да земе канцеларија веднаш, а за тоа доказ е и дека веќе на 3 јуни нашол канцеларија и договорил и цена за закуп, кажа Јаревски
Стево Пендаровски ги излажа граѓаните кога глумеше скромност дека не сака да отвора канцеларија на претседателот, туку тоа ќе го направи некогаш во иднина, кажа на денешната прес-конференција Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ. Според него, од кабинетот на Пендаровски на 14 мај порачале дека во однос на административната и логистичка поддршка, која му е потребна за средбите со поранешни и актуелни државници и за учество на меѓународни конференции, претседателот Пендаровски побара од државните институции повремено да користи канцеларија, но, бидејќи таква пракса и законска основа не постојат, тој во иднина ќе го искористи правото да отвори канцеларија, каде што тројца од сегашните вработени во неговиот кабинет ќе бидат ангажирани во поддршка на тие активности на поранешниот претседател.
„Стево Пендаровски и неговиот кабинет излажаа. Само еден ден откако е даден овој став за медиумите, односно на 15.5., според нашите информации, Пендаровски побарал да му се одобри користење канцелариски простор, службено возило и возач“,
рече Јаревски.
Пендаровски не се промени никогаш, неговите ставови не држат ниту еден ден, додаде Јаревски.
„За Пендаровски таа иднина очигледно е еден ден откако кажал дека во иднина некогаш ќе отвори канцеларија. Не го разбираме лицемерството на Пендаровски, кога очигледно е дека намерата му била да земе канцеларија веднаш, а за тоа доказ е и дека веќе на 3 јуни нашол канцеларија и договорил и цена за закуп“,
посочи Јаревски.