Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев во неговиот денешен настап на ТВ 24 не спомена конкретен датум кога за нив како партија одговара да се одржат парламентарни избори посочувајќи дека здравјето на граѓаните им е најважно.
„Комисијата за заразни болести во неколку наврати потенцираше дека во Република Македонија сè уште владее пандемија која ниту малку не е за потценување и поради која треба сите мерки да се почитуваат и во наредниот период. Изборите не се најважното нешто во моментов, иако кога и тие да се случат ВМРО-ДПМНЕ е спремно да се соочи со политичките опоненти“,
вели Јанушев.
Датумот за избори, рече тој, не може да се каже од ракав, па потоа пак да се менува.
„Мора да се согледаат сите индикатори и согласно истите да се одреди датум за избори“,
вели Јанушев.
Тој вели дека утре веројатно на оваа тема ќе се дискутира и на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски.