Посочи дека ќе се реновираат сите студентски домови во државата, но прво мора да се заврши со реконструкција во двата дома во Скопје, како „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“
Проблемот во студентскиот дом „Пелагонија“ во скопска Кисела Вода е многу сериозен, а во моментот правиме обиди да им биде исплатена плата на вработените. Ова денеска го изјави министерката за образование Весна Јаневска одговарајќи на новинарско прашање за состојбата во студентските домови, а особено за домот „Пелагонија“ каде што студентите се жалат на супстрандардни услови, односно на немање топла вода, на лоша исхрана и нефункционални лифтови.

„Го затекнав домот со 34 милиони денари долг. Ако нема вработени домот, нема да можат ниту студентите таму да престојуваат. Веќе неколку дена има ново раководство, жена е поставена за директорка, па се надевам дека како мајка и жена ќе почне да го доведува домот во ред“,
рече Јаневска.
Според неа, прво и основно што треба да се направи во домот е да се обезбеди топла вода и исхрана за студентите.
„Чекор по чекор сè ќе средуваме“,
кажа таа.
Посочи дека ќе се реновираат сите студентски домови во државата, но прво мора да се заврши со реконструкција во двата дома во Скопје, како „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“.
„Обезбедените средства се доволни само за двата почнати дома, па Владата обезбеди дополнителен заем за да можеме да ги реновираме сите студентски домови во државата“,
рече Јаневска.