Сепак, како што вели таа, употребата на такви уреди може и да е потреба за време на наставата, а за тоа треба да одлучи наставникот

Треба да се направи анализа дали одземањето на телефоните од учениците за време на часовите дава резултати, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа е согласна дека кога кај учениците нема мобилни телефони тие повеќе се фокусираат на наставата.
Но, сепак вели дека училиштата се под надлежност на општините и тие може да донесат одлука за забрана за носење телефони за време на наставата.
„Согласна сум дека кога кај учениците нема мобилни телефони повеќе ќе се фокусираат на знаењето. Но, училиштата се под ингеренции на општините и општините заедно со менаџерите на училиштата заеднички ја носат таа одлука“,
рече Јаневска на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања.
Ваквата нејзина изјава следува откако скопските општини Аеродром и Центар дадоа препораки до сите основни училишта да не ги поседуваат кај себе и да не ги користат мобилните телефони за време на наставата.
Сепак, како што вели таа, употребата на такви уреди може и да е потреба за време на наставата, а за тоа треба да одлучи наставникот.
„Но, секако, во ова денешно време може да има и потреба од употреба на такви уреди и при наставата. Па, оттука, наставникот, кој е носител на образовната дејност во училницата, ќе одлучи дали децата во тој момент ќе ги користат или нема да ги користат телефоните“,
додаде Јаневска.
Од Општина Аеродром во информацијата дека во основните училишта на нејзина територија се препорачува учениците да не ги поседуваат кај себе и да не ги користат мобилните телефони за време на наставата се вели дека е со цел заштита на децата од несоодветни, непристојни, па дури и опасни содржини што секојдневно се шират по одредени социјални мрежи.
Оттаму рекоа дека препораката е донесена по спроведените консултации со директорите и стручните служби на училиштата, а иницијативата добила поддршка од страна на училишните одбори и од советите на родители.
И градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, вели дека препораките се во насока на подигање на безбедноста во училиштата со оглед на случувањата од последниот период кои резултирале со повреди на учениците, а се поврзани со социјалните мрежи.
Двете општини посочуваат дека препораките се во насока и на истражувањата спроведени од страна на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО), од каде во јули 2023 година укажаа на негативните ефекти од употребата на паметни телефони врз процесот на учење.