„Сè уште разговараме за можностите во буџетот, но она што СОНК го бара мислам дека ќе можеме да го реализираме со текот на времето. Очекувам дека и годинава ќе има покачување на платите на наставниците. За разлика од пред неколку месеци, кога можностите речиси беа исцрпени, сега веќе се појавуваат реални можности за покачување на платите на наставниците“, изјави денеска министерката за образование и наука
Министерката за образование и наука Весна Јаневска очекува за релативно кратко време Министерството и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) да постигнат сериозен договор и најави дека постојат можности за покачување на платите на наставниците оваа година.
Во однос на преговорите со СОНК, Јаневска, која денеска на прес-конференција даде отчет за сработеното во првите 100 дена од новата влада, рече дека сè уште се разговара за можностите во буџетот, но оти смета дека ќе успеат да им излезат во пресрет на барањата на Синдикатот.
„Сè уште сме во фаза на преговори. Очекувам за релативно време дека ќе постигнеме договор и тој ќе биде сериозен и повеќегодишен. Сè уште разговараме за можностите во буџетот, но она што СОНК го бара мислам дека ќе можеме да го реализираме со текот на времето. Очекувам дека и годинава ќе има покачување на платите на наставниците. За разлика од пред неколку месеци, кога можностите речиси беа исцрпени, сега веќе се појавуваат реални можности за покачување на платите на наставниците“,
рече министерката за образование и наука.
Инаку, пред почетокот на школската година, Јаневска беше на став дека наставниците нема да добијат покачување на платите за 12 отсто во септември и најави дека зголемување ќе има во март, следната година.
За неможноста зголемувањето да биде реализирано оваа година, тогаш таа ја обвини претходната власт, која, како што кажа, оставила празен буџет и лошо ги планирала средствата.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерката за образование и наука речиси со сигурност најави дека во буџетот за следната 2025 година ќе има повеќе пари за образованието.
„Тоа веќе го дискутираме со Министерството за финансии да ги искористиме најголемите можности, оти не е само МОН, нели има и други ресорни министерства, но зголемување ќе има и јас се надевам дека секоја следна година ќе има сè поголеми можности за образованието“,
изјави таа.
Според Јаневска се предвидува зголемување на средствата за наука, односно, како што рече, прво да им се додели поголем буџет на научните институции и тоа да биде по изработени проекти, а дополнителни средства се планираат и за стипендии за постдипломски и докторски студии.
„Се работи на правилникот, се надевам дека тоа ќе биде по изработени проекти, за дополнителни стипендии за постдипломски и докторски студии со објавување на научни проекти кои во минатото ги немаше, од идната година ги предвидуваме, така што средствата за наука ќе се зголемуваат, а ќе се зголеми и севкупниот буџет на Министерството за образование и наука“,
рече Јаневска.