Таа вели дека во Министерството за образование и наука веќе сериозно се работи во тој правец да се воведат стандарди, но и мониторинг на случувањата во високото образование
Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека мора да запре појавата на изработка на магистерски и докторски трудови за кои се плаќаат пари.
Изјавата на Јаневска доаѓа како одговор на новинарско прашање околу тоа дали треба да запре појавата со огласи на социјалните мрежи во кои се нуди изработка на магистерски или докторски труд за одредена сума на пари.
Таа вели дека во Министерството за образование и наука (МОН) веќе сериозно се работи во тој правец да се воведат стандарди, но и мониторинг на случувањата во високото образование.
„Нема тука што да мислам ниту дали има потреба, таа појава мора да запре. Како министерство веќе сериозно работиме во тој правец да воведеме стандарди, но и мониторинг на случувањата во високото образование, во високообразовните и научните институции кои исто така имаат право да работат со кандидати што изготвуваат магистрериуми или докторати“,
рече Јаневска на денешната прес-конференција.
Таа вели дека во земјата е јавна тајна оти се случуваат такви неправилности и додава дека секојдневно се присутни во сите високообразовни и научни институции.
„Веќе е јавна тајна во Македонија дека се случуваат вакви неправилности. Она што го правиме е секојдневно, според можностите што ни ги дава Законот и според човечките капацитети што ни се на располагање, да сме присутни во сите високообразовни и научни институции“,
додаде таа.
Таа вели дека веќе има одреден напредок и во неколку државни универзитети веќе се одземени неправилно стекнати звања.
„Вчера го затворивме шестиот институт, одредени луѓе се отпуштени од работа, разговараме со универзитетите да направат сериозни промени и во студиските програми, но и во начинот на кој ги избираат кадрите што треба понатаму да ги образуваат младите“,
рече Јаневска.
Јаневска се надева дека новите Закони за високо образование и за научни установи ќе дадат голем придонес за подобрување на квалитетот на високото образование.
„Новиот Закон за високо образование е веќе пред крај, а го работи работна група која е формирана во новото Национално координативно тело за реформи во високото образование, тоа се професори делегирани од Националниот совет од Интеруниверзитетската конференција, од Универзитетите. Значи апсолутно стручно, непартиско тело кое работи на новиот закон. Тој закон е пред крај, а исто и законот за научно истражување и националната рамка за квалификација на полиња, подрачја и области кои треба да се донесат како пакет заедно“,
објасни таа.
Кога работните групи ќе ја имаат последната верзија, вели Јаневска, уште еднаш Комисија од МОН ќе ги помине сите три документи кои потоа ќе бидат ставени на ЕНЕР подолго од 20 дена. Таа најави дека ќе има и повеќе јавни расправи на Универзитетите, а доколку има потреба ќе има јавна расправа и во Собрание и потоа ќе бидат предадени во владна постапка.