Таа дополни дека покачувањето ќе важи не само на наставниот кадар, туку и за сите други вработени во училиштата и во основното и во средното образование

Сите вработени во основните и во средните училишта и годинава, како и претходните, во април ќе добијат повисока плата за седум отсто, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Според Јаневска, шпекулации се информациите што се шират на социјалните мрежи оти нешто не е во ред со покачувањето на платата.
„За жал се појавија бројни шпекулации на социјалните мрежи дека нешто не е во ред со покачувањето на платата. Тоа не е точно, одговорно тврдам дека и оваа година, како и претходните, наставниците ќе си добијат поголема априлска плата за седум проценти“,
рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање пред одржувањето на третиот Женски економски форум во Скопје.
Таа дополни дека покачувањето ќе важи не само на наставниот кадар, туку и за сите вработени во училиштата и во основното и во средното образование.
На средбата што пред еден месец министерката за образование и наука Весна Јаневска ја имаше со претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков, рекоа дека за голем број од точките од колективниот договор се усогласени и оти останува дополнително да се доусогласат и останатите точки, како што се покачувања за класно раководство, плаќање надоместок за пат на одредени наставници кои работат подалеку од училиштето, како и за некои други погодности кои ќе ги имаат членовите на СОНК.
Јаневска тогаш потврди дека мартовската плата на вработените во основните и средните училишта, која ќе се исплати во април, ќе биде покачена за седум отсто како што беше претходно договорено. Претходно во текот на минатата година имаа зголемување од пет проценти.