Катица Јанева во својот исказ пред Основниот кривичен суд за предметот „Рекет“ тврди дека со Бојан Јовановски-Боки 13 никогаш не разговарала за предметите на СЈО. Нивното дружење, како што рече, почнало спонтано и не било невообичаено таа да се дружи со помлади, со оглед на тоа што во СЈО сите биле млади. Зборувале, рече Јанева, на разни теми, како љубов, мода, килажа и проблемите со ‘рбетот поради вишокот килограми.
„Никогаш не сум разговарала со Боки за СЈО, не ми требаше никој отстрана за да разговарам за тоа, си има десет обвинители и други вработени во Обвинителството со кои разговаравме и се консултиравме на овие теми. Бојан никогаш ниту се потрудил ниту го интересирало да влијае врз мене, најмногу разговаравме за мода и килажа“,
рече Јанева.
Таа зборуваше и за гарнитурата и, слично како и вчера Бојан Јовановски, кажа дека била земена преку Боки кој имал компензации и попусти преку телевизијата, како и дека била платена.
„Јас, согласно законските одредби, го користев функционерскиот додаток за плаќање стан. И во него имаше лоша гарнитура на која често знаев да преспијам, тоа ми влијаеше на болките во грбот и вратот. Во тој момент разговаравме со Боки за набавување некоја гарнитура, а и мојот син го уредуваше станот. Тој ми кажа дека преку телевизијата користи некои компензации, јас му дадов пари, така ја зедов, потоа тој ми даде каса прими дека гарнитурата е платена и толку“,
рече Јанева.
Нејзиното сведочење започна утрово околу 10:30 часот. Во моментов Јанева сведочи без присуство на новинарите бидејќи серијата прашања кои се поставуваат се поврзани со информации од истраги и предистраги од предметите на СЈО, кои во овој момент се тајни.
*Поврзани вести:
Јанева: СЈО не пишуваше паушални обвиненија, работеше по словото на законот
Јанева: „Империја“ беше пред обвинение, каде се сега и тој и другите предмети?
Русковска: Факт е дека Јанева примила 50 000 евра, не е битно дали потекнуваат од Камчеви
Боки за политичкиот ангажман: Ќе го надминам Јосип Броз Тито
„Рекет“ во завршница: Завршни зборови на 19 мај
Каде завршил „Луј витонот“ – за Боки се вратил кај Камчев, за Русковска во куќата на Јовановски