Нови превирања во ВМРО-ДПМНЕ: Комисијата за заразни болести му ги „расипа“ на градоначалникот на Кавадарци плановите за протест. Дали со тоа паѓа во вода и најавата на Александар Пандов за контрапротест на приврзаниците на сегашното раководство, наспроти неговите противници од партиската база
Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев денеска го „одјави“ протестот пред централата на ВМРО-ДПМНЕ во Скопј, што го најави синоќа, со барање за оставка од партискиот лидер Христијан Мицкоски.
Иако, во меѓувреме, од кругови блиски до Мицкоски, стигнаа и најави за контра-протест на Јанчев, тој, во изјава за ТВ 24, посочи дека протестот го откажува затоа што ја консултирал Комисијата за заразни болести, која се противи на масовни собири во време кога се засилува есенскиот бран на ковид-19.
Јанчев рече дека очекувал на протестот да се појават околу 2 000 луѓе, кои сметаат дека Мицкоски треба да поднесе оставка, како што тоа го најави пред изборите што ги изгуби. Со заминувањето на Мицкоски од челната позиција во опозициската партија, според Јанчев, кој се промовира како кандидат за нов лидер, треба да почне процесот на консолидација на ВМРО-ДПМНЕ.
Лошо раководење на партијата, порази во низа на изборите во земјава во последните години, несоодветни кадровски политики…, според Јанчев, се причините поради кои дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ очекува Мицкоски да замине од партиското кормило.
„Со одложувањето на протестот не застануваме со барањето за заминување на Мицкоски. Наместо протест, денеска ќе одржиме прес-конференција со општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и ќе го повториме барањето, а потоа ќе побараме и други начини за да го принудиме Мицкоски, доколку има малку морал, да го примени она што го најави пред парламентарните избори“,
изјави Јанчев.
Градоначалникот тврди дека општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ нема одржано седница за да донесе став за протестот што тој го најави пред седиштето на партијата, а кој требаше да се одржи в понеделник напладне.
Претходно, од ОК – Кавадарци испратија соопштение во кое е наведено дека целосно се оградуваат од повикот за протест.
„Наместо полноќни статуси на Јанчев, сметаме дека местото за протест е онаму каде седи причината за сите проблеми на граѓаните, а тоа е владата на Зоран Заев. Оттука, ВМРО-ДПМНЕ, како партија која се бори против политиките на Зоран Заев кои нанесуваат штета на државата, очекува свој придонес во падот на оваа власт да даде и Митко Јанчев. За сите негови останати размисли ВМРО ДПМНЕ е демократска партија со легитимно избрано раководство и постојат начини и процедури тоа да биде дискутирано„
се наведува во известувањето од ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци.
Како одговор на ова, Јанчев рече дека тоа не е став на ОК на партијата, туку дека е допис нарачан од Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а потпишан единствено од претседателот на разгранокот, кој е пратеник.
Александар Пандов, кој стана раководител на новоформираниот Патриотски институт на ВМРО-ДПМНЕ, пак, уште претпладнево му „закажа“ контрапротест на Јанчев .
„Еве јас ќе ја искористам таа прилика на твое доаѓање во Скопје и ќе го повикам членството на ВМРО-ДПМНЕ да дојде во исто време и на исто место, па ние да ти го кажеме нашето мислење за тебе! Можеш и Вице да ни го донесеш. Ќе ве личи“,
напиша Пандов на фејсбук.