Тој обвини и за оркестрирана хајка која траела долго време, со притисоци и закани врз неговите колеги и соработници, како и врз сопствениците на објектите, со цел да се изнудат изјави против него

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска рече дека е шокиран и крајно изненаден од пресудата на Кривичниот суд со која е осуден на затворска казна од три и пол години. Во изјава за медиумите, пред општинската зграда, Јакимовски оцени дека пресудата е донесена без докази, дека е политички мотивирана и најави дека ќе поднесе жалба до Апелацискиот суд.
„Навистина сум изненаден од пресудата. Без никакви докази, на 100 отсто докази на наша страна дека немаме сторено кривично дело, носат пресуда со која ме осудуваат на четири години со единствена казна затвор на три години и шест месеци“,
изјави Јакимовски.
Тој го постави прашањето што се случува со правдата за обичните граѓани ако ваква пресуда му се случува нему како јавна личност. Јакимовски појасни дека е осуден за легализација на две бараки кои, според него и проектната документација, биле монтажно-демонтажни и направени од гипс-картон, согласно сите стандарди. Тој нагласи дека за времени објекти не може да се води кривична постапка.
„Имаме одлука на совет, но немаме решение за поставување на времен објект и за времен објект не може да се гони кривично“,
рече градоначалникот обвинувајќи го Обвинителството дека се послужило со фалсификат кој бил докажан со вештачење, но судот не го зел предвид.
Јакимовски се осврна и на разликата во пресудите што ја има добиено тој и Т.Ѓ., претходно вработен во Општина Карпош. Неговиот колега, раководител на одделение, за истото кривично дело добил условна казна од една година затвор.
„Како може за истото кривично дело тој е осуден една година со условно, а јас три години и шест месеци? Ова е политика и ништо друго“,
изјави Јакимовски.
Јакимовски истакна дека и сопствениците на објектите дале изјави заверени на нотар дека станува збор за дивоградби кои ги користеле над 20 години.
„Таа изјава кого обврзува, мене што ја читам или тој што ја дал? Како може со ова јас да бидам обвинет?“,
праша тој додавајќи дека сопствениците кои ги дале изјавите воопшто не биле ни осомничени ниту вклучени во истрагата.
Градоначалникот на Карпош ги отфрли аргументите на обвинителката дека објектите биле времени од 1987 година, прашувајќи што се случувало со нивниот статус до 2013 година, кога им истекле дозволите и станале бесправни, а воедно биле и значително доградувани и видоизменети. Тој направи споредба со истечена возачка дозвола или дозвола за оружје, по што возењето или носењето станува бесправно.
Тој обвини и за оркестрирана хајка која траела долго време, со притисоци и закани врз неговите колеги и соработници, како и врз сопствениците на објектите, со цел да се изнудат изјави против него.
„До каде идеше безобразлукот? Одеа од стан на стан во згради градени од 2009 до 2017 година, па со ѕвонење на станови, за да се види дали некој мој близок пријател, роднина или некој другар има негде стан, па да најдат врска и на крајот на сопствениците на објектите им велат: Добро, ќе прекинеме со истрагата под услов да кажете дека од непродадените станови, два стана ги чувате за Стевче Јакимовски”,
рече градоначалникот.
Таа хајка, рече Јакимовски, се води долго време и додаде: „Целта беше да нè тргнат нас коишто завршивме квалитетни школи, имаме долгогодишно искуство, имаме одлични резултати во работата што ја работиме, за да на наше време дојдат оние со купените дипломи“.
„Нормално дека оваа битка е многу тешка, морам да ви кажам. Се бориш против држава и тоа против најсилниот нејзин дел, против обвинителство и против суд. Колку да си ти силен, колку и да имаш, да си храбар, сепак држава е држава, колку и таа држава да е слаба, но ние нема да застанеме овде“,
додаде тој.
Јакимовски најави дека ќе поднесе жалба до Апелацискиот суд.
„Аргументите се не 100, 1 000 отсто на наша страна. Жал ми е што ова морав денеска да одржам прес. Да се надевам дека во Апелација има поквалитетни судии, со поголемо достоинство“,
заклучи тој додавајќи дека и Управниот суд претходно донел одлука дека нема докази оти спорните објекти биле времени.
Основниот кривичен суд Скопје денеска му досуди казна затвор од три и пол години на градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во врска со градењето на административната зграда на Општината.
Кривичен го осуди Јакимовски за две дела – бесправно градење и злоупотреба на службената положба. За бесправната изградба на општинскиот објект Судот му изрече казна затвор од една година, а за злоупотреба на службената положба и овластување затворска казна од три години.