„Балансерот е пробиен веќе одамна, бројот на Албанците во администрацијата е далеку над тие 20 отсто кои се договорени во Рамковниот договор и затоа е потребно негово укинување“, вели кандидатот на коалицијата „Храбро за Македонија“ за шеф на државата, Стевчо Јакимовски
ДУИ секогаш кога не знае што да каже во политиката се фаќа за руски влијанија, што во случајот со балансерот е апсолутно смешно, рече кандидатот на коалицијата „Храбро за Македонија“ за шеф на државата, Стевчо Јакимовски, во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, на прашањето за тоа кое е неговото мислење во однос на алатката за која ВМРО-ДПМЕ ветува дека ќе ја укине, СДСМ дека ќе ја реформира, а ДУИ на предизборната дебата на оваа тема гледа како на руско влијание за дестабилизација на земјава.
Јакимовски вели дека, според него, не само балансерот, туку треба да се укинат и партиските вработувања во администрацијата оти сега таа е уништена и тотално неефикасна.

„Балансерот е веќе пробиен одамна, бројот на Албанците во администрацијата е далеку над тие 20 отсто коишто се договорени согласно Рамковниот договор и сметам дека не само балансерот, туку треба да се прекине со партиските вработувања во администрацијата. Ја уништивме администрацијата, ја направивме тотално неефикасна. ВМРО-ДПМНЕ вработи 63 илјади во администрација, СДСМ вработи 57 илјади, плус ДУИ колку има“,
вели Јакимовски.
Прашан колкумина членови на ГРОМ се вработени во Општина Карпош, каде што тој го тера четвртиот мандат како градоначалник, Јакимовски вели дека нема вработено лица од својата партија, освен двајца или тројца кои се во неговиот кабинет и дека не му е грижа кој од која партија доаѓа кога станува збор за вработувања во општинската администрација.
Една од носечките тези во неговата кампања е тврдењето дека најголемиот проблем на земјава е иселувањето на младите, за чие запирање, според него, треба да се почне од темелот, а тоа е средување на образованието и здравството. Иако претседателот нема ингеренции во овој дел, Јакимовски вели дека улогата на шефот на државата е да приоретизира работи, а во Македонија, несомнено, еден од приоритетите во моментов е здравството и изградбата на клинички центар, а не правење на коридорите 8 или 10-д кои земјава ќе ја чинат една и пол милијарда евра.
„Со парите за ’Бехтел и Енка’, ние ќе направевме парекселанс клинички, по сите светски стандарди, и ќе направевме најмалку од 10 до 15 општи болници низ Македонија, кои ќе бидат со најсовремена опрема, подготвени со најсовремени методи, што значи дека ќе го подигнеме нивото на здравство тука во Македонија. Имајќи предвид дека ние сме тука на ниво на развој над Косово и Албанија, ако на таков чекор се одлучевме и го подигневме нивото на здравствени услуги и квалитетот и методите по кои се решаваат, тоа значи дека здравствениот туризам ќе беше и тоа како битна гранка за развој“,
изјави Јакимовски.

Кога станува збор за иселувањето на младите, на новинарско прашање – каде живеат неговите деца во моментов, тој одговори дека помалиот син му е во Македонија, а постариот од пред пет години се преселил во Канада, но не од економски причини. Според него, постои начин неговиот син да се врати во земјава, но тоа подразбира создавање систем.
„Систем кој функционира и во кој нема да му требаат врски, а тоа значи администрацијата да функционира како што треба, судско-обвинителскиот систем да функционира како што треба, да имаме развиен пазар на труд и функционална пазарна економија, каде што ќе може денеска да напуштите работа, но веднаш да најдете друга. На пример, мојот син четири години не беше дојден во Македонија, се врати и за 20 дена најде подобра работа од таа претходната“,
рече Јакимовски.