„Ниту микрон нема да отстапам од ова, парите мора да си ги обезбедат и да си ги платат, ние нема да плаќаме камати. Лани издвоивме средства и го плативме долгот. Оваа година нема тоа да го направиме тоа. Тие немаат срам и ќе продолжат и понатаму“, вели градоначалникот
За немањето парно греење во основните училишта во Општина Карпош, градоначалникот Стевчо Јакимовски и денеска повтори дека нема да отстапи од барањето Владата да ги обезбеди парите и да го плати долгот.
„Не може да се штеди на грбот на децата во Општина Карпош. Ги слушнавме вчера градоначалниците Албанци од локалната самоуправа кои рекоа дека сами ќе ја финансираат академијата за науки и уметности на Албанците. Значи, тие имаат средства и да финансираат академија на науки и уметности, а ние македонските градоначалници немаме средства ни да го платиме парното за основните училишта“,
рече Јакимовски во денешната изјава за медиумите.
Тој рече дека финансирањето е договорено од Владата за „како да ги прејдат граѓаните, односно тоа да не го плати централната власт, туку да оди преку локална самоуправа“.
„Што е најинтересно, гледате дека тоа го поддржа и претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, кој ја поздрави оваа работа, што јасно кажува дека ова е договорена работа и обезбедени се средства за локалната самоуправа“,
додаде Јакимовски.
Според него, ваквиот потег е срамен од Владата за која рече дека е дојдена на власт на една крајно антиалбанска реторика, со ветување брда и долини, а која најнекоректно се однесува кон македонските општини ставајќи ги на маргините.
Јакимовски вели дека од страна на министерката Весна Јаневска коректно било да каже дека немаат средства и оти се надева дека со новиот буџет за 2025 година тие ќе се најдат и ќе се обезбедат за Карпош да не должи за затоплување и за другите потреби што ги имаат училиштата.
„Крајно е некоректно да кажеш вицкасто дека градоначалникот е способен, ќе се снајде. Сметам дека тоа се некоректни изјави и некоректен однос од влада што се претставува за народна“,
рече тој.
На новинарско прашање дали постои разврска на оваа ситуација, Јакимовски, изнесувајќи извештаи од последните три години во кои се наведени предвидените и префрлените средства на сметка на општината, рече дека од предвидени 39 милиони имаат 23 милиони и тоа не води кон разврска.
„Два и два се четири, ако имаш два толку ќе потрошиш, а два ќе должиш. Тоа е проста математика, нема тука равенки, интеграли, функции. Има само обична математика на одземање и собирање. Јас ниту микрон нема да отстапам од ова, парите мора да си ги обезбедат и да си ги платат, ние нема да плаќаме камати. Лани издвоивме средства и го плативме долгот. Оваа година нема тоа да го направиме тоа. Тие немаат срам и ќе продолжат и понатаму“,
рече градоначалникот Јакимовски.
Проблемот со затоплувањето на училиштата во Општина Карпош се актуализира еден ден пред почетокот на грејната сезона, кога од „ЕСМ – снабдување со топлина“ рекоа дека во овие објекти радијаторите ќе останат студени до 1 ноември и оти тоа е на барање на локалната самоуправа.
Градоначалникот Стевчо Јакимовски тогаш рече дека училиштата имаат долг кон „ЕСМ – снабдување со топлина“ од околу 8 300 000 денари и побара Владата да го плати затоа што, како што рече, локалната самоуправа не е должна да го прави тоа.
Вчера министерката за образование и наука Весна Јаневска на ваквото барање на Јакимовски рече дека блок-дотациите за училиштата се исплатени и оти градоначалниците и директорите на училиштата треба да се организираат за да ја спроведат не само грејната сезона, туку и сè друго што треба.
За ваквата изјава на Јаневска градоначалникот Јакимовски побара од министерката да му даде образложение како да ги менаџира средствата што се префрлаат како блок-дотации за да успее да го плати долгот што основните училишта го имаат кон „ЕСМ – снабдување со топлина“.
Денеска за ова коментираше и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски кој рече дека одлука на потрошувачот е кога ќе се вклучи на системот за парно греење и оти смета дека во таа насока е и потегот на општината.