Сопственик на синџирот бензински пумпи „Пуцко петрол, кој е најдолговечниот функционер во хронологијата на локалната самоуправа во земјава, сега се пресели во законодавната власт, по што, освен во Штип, и во Пласница би требало есенва да има дополнителни избори за градоначалник
Собраниските служби ја поправија грешката. Новиот пратеник Исмаил Јахоски веќе не фигурира на собраниската веб-страница како независен, туку е на списокот на пратеничката група на ДУИ, од чија листа влезе во парламентот.
Досегашниот градоначалник на Пласница, кој е со најдолг можен стаж во локалната самоуправа на земјава, влезе во парламентот како втор кандидат на листата на владејачката ДУИ во петтата изборна единица, веднаш зад спикерот Талат Џафери. Затоа беше изненадување кога тој се најде на листата на независни пратеници во новиот собраниски состав, заедно со Игор Дурловски, кој беше носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ, исто така, во петтата ИЕ и со Панчо Минов, кој го доби новиот мандат од листата на СДСМ во четвртата ИЕ, каде што носител беше Зоран Заев.
Откако промовирањето на Јахоски беше претставено во јавноста како негово одметнување од ДУИ, додека за Минов и за Дурловски изостанаа такви реакции, новиот координатор на интегративците Изет Меџити изјави дека станува збор за техничка грешка, која брзо ќе биде исправена. Јахоски, пак, се обрати преку соопштение во кое порача дека никогаш не ја напуштил ДУИ.
Јахоски, кој од 1993 година е сопственик и на синџирот бензински пумпи „Пуцко петрол, е најдолговечниот градоначалник во хронологијата на локалната самоуправа во земјава. Цели 24 години е чело на Пласница, општина со околу 4 500 жители, победувајќи во сите шест изборни циклуси за градоначалник, од 1996 до 2017 година, кога беше кандидат на ДУИ.
На следните локални избори, кои би требало да се одржат во октомври следната година, Јахоски, доколку се одлучи да го истера пратеничкиот мандат до крај, веројатно, нема да биде повторно кандидат за градоначалник. Во меѓувреме, би требало да се одржат избори за нови градоначалници на Пласница и на Штип, откако Благој Бочварски беше избран за министер за транспорт и врски.
Новите градоначалници на овие две општини би имале мандат од само една година, пред редовните локални избори в година. Согласно Законот за локална самоуправа, дополнителни избори за градоначалници не се распишуваат само ако до истекот на полниот мандат на градоначалникот, кому му престанала функцијата, има помалку од шест месеци.
Премиерот Зоран Заев неодамна најави дека дополнителните избори за градоначалник на Штип би можеле да се одржат во октомври, но и во февруари, во зависност од ситуацијата со ковид-19.