Најавуван попомпезно од филмски блокбастер. Исчекуван подолго од Олимписки игри. Асфалтот на Јужниот крак од паневропскиот Коридор 10, кој патот од Скопје до Белград треба да го сведе на 3 ипол до 4 часа, стана автопат по цели 6 години. Оваа делница која почнува кај Владичин Хан на југот од Србија, и низ Грделичката клисура се протега во наредните 26,3 километри во правец на Ниш, геодетски и инженерски важеше за една од најтешките во Европа. Поради проблемите – да се скротат ридовите, реката и пругата, отворањето беше одложувано неколку пати.
Ваквото „си-ви“ на Јужниот крак беше доволен предизвик да се обидеме да ја извозиме делницата. Уште на стартот наидовме на проблем, бидејќи патните служби се двоумеа дали да ни дозволат движење по патот неколку часа пред неговото официјално отворање. Но, пуштија срце откако се уверија дека сме новинарска екипа.
Првите километри почнуваат со вијадуктот Врла, долг речиси 900, а висок и до 62 метри. Тој е само еден од 36 мостови на делницата, чија вкупна должина е речиси 6 километри. По Врла, мал број работници се уште средуваа финеси и така се до тунелот Манајле. Неговите 1,8 километри го прават најдолг тунел во Србија, а со вложените 13 милиони евра е и еден од најсовремените. Повторно „над земја“… погледот го привлекуваат џиновските бедеми кои ги придржуваат масивните ридови. Во нив се наоѓа дел од вкупно 59-те илјади тони арматура.
Местото Предејане за патниците од двата правци е добро позната точка за одмор. Тука се наоѓа една од двете клучки, на која стрелката за десно ќе ви го покаже исклучувањето за Предејане. Оваа клучка е важна и поради тоа што освен Предејане, засега не е предвидено друго одмориште.
Кај Предејане се наоѓа и вториот тунел, долг 1 километар.
Сакавме да провериме и за колку време можеме да ги поминеме овие 26 километри, возејќи со просечно дозволените 100 км/ч., но патните служби ни посочија да не си ја тестираме среќата поради работниците кои на одредени локации се’ уште работеа, но и поради полициските патроли поради доаѓањето на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Кога веќе не можеше така, на враќање сакавме да провериме за колку време можеме да извозиме барем и со помала брзина, но контра-насоката беше затворена поради пристигнувањето на српската делегација. Па, во Владичин Хан, се вративме по стариот пат.
Завршувањето на работите на оваа немирна делница беше повод ова мало и мирно српско гратче, во саботата, да биде центар на збиднувањата на Балканот. За свечено да го прогласат за отворен, во него се сјатија српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и без малку половина влада. Специјални гости беа премиерот Зоран Заев, претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, и амбасадорот на Европската унија во Србија, Сем Фабрици.
Тие пристигнаа со специјални панорамски автобуси со мотиви на Коридорот 10. Владичин Хан беше претесен да ги собере и автобусите од другите градови и бројните пониско рангирани функционери. Се чини, сепак, најмалку се водеше сметка за новинарите кои добија минијатурна позиција опколена со маса народ.
Вучиќ ја искористи говорницата да зборува за автопатот, но не пропушти да се пофали и за други политики. Надвор од податоците за „историските дострели“, доминираше зборот пријателство.
„Сакам посебно да му се заблагодарам на премиерот Заев, на претседателот Додик, на сите кои се со нас тука… да им кажам големо благодарам и на нашите европски партнери кои го градеа овој пат – благодарам на Бугарите кои го пробиваа Манајле, и на Грците, и на Шпанците, но и на луѓето од Р. Српска и БиХ“, рече Вучиќ.
„Намалувањето на физичката и временската дистанца меѓу главните градови на Северна Македонија и на Србија, е соодветна на пријателството и блискоста на нашите народи што ја носат длабоко во своите срца“, рече Заев.
Невообичаено за балкански прилики, настанот заврши по неполн час. Додека насобраните се восхитуваа и го фотографираа огнометот на импозантниот вијадукт Врла, делегациите полека заминаа.
Со згаснувањето на огнометот, згаснаа и светлата кои му пружија еднодневна слава на Владичин Хан.