Српските медиуми викендов шпекулираа дека СПЦ планира да признае единство со МПЦ-ОА на крајот на овогодишниот црковен Собор, по што великодостојниците на двете цркви заедно би отслужиле света архиерејска литургија, што би претставувало знак на „помирување и обнова на единството“
Македонската православна црква-Охридска архиепископија не добила покана и не планира одржување заедничка света архиерејска литургија меѓу великодостојниците на нашата и на Српската православна црква на крајот на годишниот Собор на СПЦ што започна вчера во Сремски Карловци, а чиј работен дел во наредниве седум дена продолжува во Белград, јави МИА повикувајќи се на неименувани извори во МПЦ-ОА.
Српските медиуми викендов шпекулираа дека СПЦ планира да признае единство со МПЦ-ОА на крајот на овогодишниот црковен Собор, по што великодостојниците на двете цркви заедно би отслужиле света архиерејска литургија, што би претставувало знак на „помирување и обнова на единството“.
Извори на МИА во МПЦ-ОА, посочуваат дека во претходниот период било разговарано за таква можност, но дека сега, по одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј од 9 мај за признавање на МПЦ-ОА за канонска црква, работите се променети и дека не се планира одржување на заедничка богослужба со српските црковни великодостојници.
Во однос на информациите дека на 5 јуни на празникот Педесетница или Света Тројца најверојатно во Истанбул, поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископ охридски и македонски Стефан ќе одржи прва заедничка богослужба со вселенскиот патријарх Вартоломеј, изворите на МИА од нашата црква посочуваат дека се планира таква богослужба, но дека засега ништо не е прецизирано.
Претходно, во врска со ваквата најава, портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА, митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј во изјава за Пресинг ТВ, само кусо одговори дека ниту ја потврдува, ниту ја демантира ваквата информација.