Тој изјавил дека израелските власти биле фокусирани на Западниот Брег и ја игнорирале заканата од Газа
Претставник на египетското разузнавање вели дека Египет, земја која честопати дејствуваше како посредник меѓу Израел и Хамас, во повеќе наврати разговарал за „нешто големо“ со Израелците, пишува „Тајмс оф Израел“.
Тој изјавил дека израелските власти биле фокусирани на Западниот Брег и ја игнорирале заканата од Газа. Патем, владата на Бенјамин Нетанјаху е составена од поддржувачи на еврејските доселеници од Западниот Брег кои барале мерки за безбедност наспроти зголемениот бран на насилство таму во изминатите 18 месеци.
„Ги предупредивме дека ќе дојде до експлозија на ситуацијата, и тоа многу брзо, и дека ќе биде голема. Но тие ги потценија таквите предупредувања“,
вели претставникот на египетската тајна служба кој сака да остане анонимен бидејќи не е овластен да зборува со медиумите за содржината на чувствителните разузнавачки дискусии.
Египет стана првата арапска земја што склучи мир со Израел во 1979 година, но политиката на Израел кон Палестинците го прави непопуларен кај многу Египќани.
Вчера египетски полицаец уби двајца израелски туристи и нивниот водич во египетскиот град Александрија.