Одговарајќи на новинарско прашање дека премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, врши организирана кампања за лобирање во Европскиот парламент за извештајот на Томас Вајц, Георгиев рече дека тоа може да има само краткорочен популистички резултат, но на долг рок тоа не може да биде плодотворно
Извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Република Северна Македонија нема меѓународно правнообврзувачка природа. Ниту еден обид за заобиколување на консензусот за С Македонија од 2022 година нема да биде успешен, бидејќи Европскиот парламент нема надлежност да изразува мислење за прашања како што се идентитетот, јазикот и слични формулации. Ова денеска го изјави шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев пред бугарските медиуми во Брисел, каде учествуваше на вонреден состанок со неговите колеги.

„Го почитуваме Европскиот парламент и неговите извештаи. Секоја земја кандидат за членство во ЕУ мора да ги почитува условите поставени од земјите членки. Бугарија има конзистентна политика во овој поглед. Го охрабруваме процесот на проширување, но тој мора да се базира на сопствените заслуги“,
рече тој.
На прашањето кои се неговите очекувања за утрешното гласање за нацрт-извештајот за Северна Македонија во Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент, Георгиев смета дека тој процес нема да ја игра улогата на некои од југозападните соседи и нивните лидери.
„Не сметам дека извршната власт треба да се меша во работата на парламентот“,
кажа тој.
Посочи дека исклучително се засрамени од тоа што политичарите знаат каков ќе биде крајниот резултат од овие извештаи и го предвидуваат развојот на настаните по тоа прашање.
„Нашите европратеници работат исклучително активно. Тврдиме дека Европскиот парламент не е оној што има надлежност да изразува мислења за прашања, како што се идентитетот и јазикот. Институциите на Европската Унија не треба да се користат за инструментализарање на една или друга политика. Ниту еден обид за заобиколување на консензусот од 2022 година нема да биде успешен, бидејќи ќе наиде на решителен отпор од Бугарија“,
вели Георгиев.
Според него, ниту една земја од ЕУ не е подготвена да се откаже од договорот постигнат пред три години за содржината на Преговарачката рамка за договорот со Скопје.
Одговарајќи на новинарско прашање дека премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, врши организирана кампања за лобирање во Европскиот парламент за извештајот на Томас Вајц, Георгиев рече дека тоа може да има само краткорочен популистички резултат, но на долг рок тоа не може да биде плодотворно.
„Пристапувањето кон Европската Унија се заснова на принципи, вредности и одговорности“,
рече шефот на бугарската дипломатија.
Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент утре треба да гласа за усвојување на предлог-извештајот за напредокот на Македонија подготвен од страна на европратеникот и известувач за земјава, Томас Вајц. Гласањето првично требаше да се одржи на 4 јуни, но на предлог на Вајц беше одложено.
Премиерот Христијан Мицкоски минатата недела рече дека би бил најсреќен човек на светот доколку Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент го изгласа извештајот за напредокот на Македонија, но додаде дека добил информации за нови притисоци од Софија за наводни опасности доколку извештајот биле изгласан.